Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Италијанскиот амбасадор, Ернесто Белели денеска подари над 300 учебници на италијански јазик на основните училишта “11 Октомври„, „Браќа Миладиновци“ и “Кочо Рацин“.
Амбасадорот се надева дека учебниците ќе им помогнат на учениците во совладувањето на јазикот, бидејќи секој дваесетти Македонец, престојува заради студии или работа во Италија.
“ Како резултат на културната соработка меѓу Македонија и Италија, книгите се подарок за учениците и помош за професорите кои предаваат италијански јазик. Италијанските компании имаат потреба од луѓе кои го зборуваат италијански јазик. Ако го знаат јазикот, можат полесно да се снајдат во Италија“- рече амбасадорот, при денешната посета на општината Куманово.
Градоначалникот Зоран Дамјановски смета дека италијанскиот јазик е доста застапен во кумановските училишта што претставува добра основа за понатамошна соработка со училиштата и стопанските субјекти.
“Има предлог од амбасадорот за посета од регионот на “Експо 2015“, кој ќе се одржува во Милано. Преку Италијанската амбасада да посетиме региони кои имаат добар економски развој и да воспоставиме соработка. Овие иницијативи од нашите пријатели од доминантните држави во ЕУ се добри за економскиот развој на градот“ - изјави Дамјановски.
Според амбасадорот Македонија и Италија имаат доста заеднички работи кои ги поврзуваат, почнувајќи од културата, менталитетот, гастрономијата и друго.