Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Поранешни фунционери, меѓу кои еден пратеник, двајца државни секретари, директор, професор и помлади соработници, сите од Скопје, се новите директори на Тутунскиот комбинат Куманово, кои добија мандат од Владата и акционерите да ја опорават фабриката.
Нови членови на Одборот на директори се: Стојче Крстевски (46),технолог, поранешен пратеник (2006-2011), раководител на Сектор во Општина Сопиште, Изет Ризаху (36), правник, поранешен директор на Трудовиот инспекторат Скопје, Ивана Хаџи-Николова (29), правник во Генерален секретаријат на Влада, Андриана Стојановска (31) поранешен државен секретар во Министерство за локална самоуправа, Неџмедин Еамани (52), професот во „Кочо Рацин„, Дарко Стефановски (30) економист поранешен државен секретар во Министерство за култура и Инес Лаличиќ (26), правник, помлад соработник од кабинетот на заменик претседател на Влада за економски прашања.
Тие во наредниот период треба да ги избројат долговите што ги направило раководството на Бајруш Сејдиу, да ја скенираат целокупната состојба во Kомбинатот и да најдат решение.
Дури откако ќе се утврди фактичката состојба на долгови и побарувања ќе се бара стратешки партнер кој ќе ја рестартира фабриката. Тоа не е само интерес на нас акционерите, туку и на Куманово и на самата држава. Сепак оваа фабрика некогаш беше гигант во производството на цигари и треба да си го врати заслуженото место- вели полномошник на акционерите.
Неофицијално комбинатот должи неколку десетина милиони евра за даноци и акцизи, придонеси и плати на вработените, за вода, струја, кредити и други долгови кои ги направил Сејдиу. Акционерите се сомневаат дека и голем дел од машините се изнесени од фабриката, и се однесени во инпровизираните погони каде што на диво се произведувале цигари за црниот пазар.
Во Тутунскиот комбинат 56 одсто од акциите се на државата, а 44 одсто на вработените. За рестартирање на комбинатот е заинтересирана фирмата „Штајнберг„ од Белград зад која стојат инвестициски фондови од Австрија.