×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кој ќе биде претседател на Советот на општина Куманово - се уште се договараaт коалиции за мнозинство

    18.11.2021 10:53 | Сузана Николиќ

    Неколку дена пред одржувањето на конститутивната седница на Советот на Општина Куманово, политичките партии и независните групи на советници интензивно преговараат за формирање на советничко мнозинство. Во игра се сите опции, па можни се и преминувања на одредени советници во противничките табори, велат партиски извори.

    Кој ќе биде претседател на Советот на општина Куманово - се уште се договараaт коалиции за мнозинство

    Од вкупно 33 членови, распоредот на силите во новиот совет е следен: 10 советници на коалицијата на СДСМ, 8 на независната листа „За наше Куманово“, 7 на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 4 на ДУИ, двајца на коалицијата на Алијанска на Албанците и Алтерентива и по еден на Левица и БЕСА.

    Градоначалникот Димитриевски уште минатата недела предложи претседателка на Советот да биде носителката на неговата советничка листа и побара поддршка од партиите. Засега во коалиција е само со Алијансата на Албанците и Алтернатива (ААА), со кои потпиша меморандум пред вториот круг на изборите, а во преговори се и со ВМРО-ДПМНЕ.

    „Во моментот се водат преговори со одредени политички партии за обезбедување на поддршка, нашата носителка на листата да биде претседателка на Совет. Очекуваме дека ќе добие поддршка од сите советници кои парципираат во Советот, меѓутоа конечна коалиција со другите партии, освен со ААА, уште немаме. Најверојатно коалициите ќе бидат формирани до понеделник, по што официјално ќе знаеме се“, истакна Даниел Стојчевски, шеф на изборниот штаб на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“.  

    Стојчевски вели дека тие се отворени за соработка со сите партии, бидејќи како граѓански концепт немаат предрасуди да соработуваат со било која политичка партија.

     „За наше Куманово“ заедно со Алтернатива и Алијанса на Албанците засега имаат 10 советника и доколку договорат коалиција со ВМРО-ДПМНЕ ќе го обезбедат потребното мнозинство од 17 советника.

    Од коалицијата СДСМ исто така велат дека преговараат со повеќе политички партии и со дел од советниците од независната листа „За наше Куманово“, за обезбедување на мнозинство во Советот и за преземање на претседателската функција. Велат дека тоа природно им припаѓа, бидејќи имаат освоено најголем број на советнички места. Заедно со нивниот коалиционен партнер ДУИ бројат 14 советници, а за да обезбедат мнозинството им требаат уште тројца. 

    „Единствено не преговараме со советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, додека со сите останати сме во комуникација. Ќе се обидеме да направиме мнозинство во Советот кое ќе работи во интерес на граѓаните. Доколку не се случи тоа ќе бидеме конструктивна, будна и коректна опозиција“, вели претседателот на општинската организација на СДСМ Куманово, Мартин Костовски. 

    Тој додава дека доколку се официјализира коалицијата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и „За наше Куманово“ тогаш ќе паднат во вода тврдењата дека оваа иницијатива е независна и граѓанска.

    Конститутивната седница на Советот на Општина Куманово е закажана за во вторник. На првата седница ќе се верификуваат мандатите на новите советници, по што ќе се бира претседател на Советот. До изборот на претседателот седницата ќе ја води најстариот советник.