Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со сечење на бадникови гранчиња во которското селото Колицко денеска започаа подготовките за одбележување на годинешнава прослава на Бадник, што по 25-пат го организира Здружението на граѓани „Коледари“ од Куманово.
„Денеска сме собрани околу 50 луѓе, но најбитно е на Бадник да се собереме во што поголем број на плоштадот во Куманово. Секоја година во последниот ден недела во годината организираме да одиме на традиционалното берење на бадникови гранчиња. Не има од 5 до над 80 години, од сите возрасти“, изјави Мирослав Доневски, претседател на Здружението на граѓани „Коледари“.
Секоја година сечењето на бадникарските гранчиња се врши во различно село, со цел да се пренесе идејата, да се сплоти и анимира народот и да се почувствува дека доаѓа празникот. Месното население секогаш активно се вклучува во прославата, по што локалниот свештеник ги осветува гранчињата. Ова година бадникарски кум е Дарко Радевски.
Со собирањето на бадникови гранчиња започнуваат активностите, кои завршуваат со голема веселба на Градскиот плоштад точно напладне на Бадник.
Здружението „Коледари Куманово“ брои над 2.500 члена, кои се активни преку целата година со учество на крводарителски акции, ликовни колонии и други хуманитарни манифестации. Сите активности ги финансираат од сопствени средства.
2008 - 2023 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk