Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Охриѓанка која во кометар на социјалните мрежи повика да се запалат членовите на еврејската верска група повикана е на разговор во полицијата.
„Полициски службеници од СВР Охрид извршиле службен разговор со В.С.(38) од Охридско. Таа во текот на вчерашниот ден на социјалната мрежа Фејсбук поставила содржина со која извршила кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем" казниво по член 394-г од КЗ“, соопшти МВР.
Во разговорот таа изјавила дека во текот на вчерашниот ден ја поставила содржината, а денеска самата ја избришала.
По целосно документирање на случајот до ОЈО Охрид ќе биде поднесена кривична пријава по член 394-г од КЗ. цр.
Еврејската религиозна група „Лев Тахор“, додека престојуваше во Куманово беше цел на лавината негативни реакции и говор на омраза на социјалните мрежи. Поеднинци, дури ги повикуваа граѓаните да ги земат работите во свои раце доколку надлежните институции не ги протераат од градот. Поради негативната кампања и опасноста од напади верниците ги чуваше полиција, а потоа беа префрлени во хотел во Скопје.
Од МВР велат дека го истражуваат говорот на омраза на социјалните мрежи, додека обвинителството ги охрабрува сите кои поседуваат информации и докази за сторено кривично дело, да пријават во надлежните институции.
Од Комисијата за заштита од дискриминација тврдат дека станува збор на прв случај на дискриминација по основ на семитизам во државата, поради што ќе се позанимаваат со него.
„Со оглед на комплицираноста, овој случај заслужува координација помеѓу повеќе институции, бидејќи има големи индиции за дискриминација, говор на омраза и дела од омраза кои се кривично правна материја што ја надминува нашата ингеренција и ја опфаќа кривично правната материја. Имаме утврдено неколку места до кои сметаме дека треба да испратиме барање за изјаснување но мора да ги доистражиме фактите односно да докажеме дека сторителите се однесувале дискриминирачки во случајот“, изјави претседателот на Комисијата, Кире Василев, во Утрински брифинг.
Членовите на групата „Лев Тахор“ сега се наоѓаат во охридското село Лакочереј и повторно се соочуваат со протерување затоа што не ги прифаќа локалното население.
Групата во која членуваат американски, канадски, белгиски и граѓани од Јужна Америка, до пред десетина дена престојувала во Сараево, Босна и Херцеговина, па откако завршил престојот дошла во Македонија. Тука планирале да останат извесен период и потоа да продолжат понатаму. Честото селење е типично за групата, па така освен во Македонија и Босна и Херцеговина, одреден период престојувале и во САД, Канада, Израел и Романија.
„Лев Тахор“ („Чисто срце“) е еврејска религиозна група основана во 1988 која брои 250 членови. Верниците се противат на државното уредување од верски причини, поради што живеат по свои правила во верба дека човекот може да го спаси само господ. Но поранешни членови кои ја напуштиле групата сведочат дека лидерите последниве години вовеле екстремни практики, како детски бракови.
Од МВР соопштуваат дека сите 37 членови на групата, меѓу кои 18 деца имаат легален престој во земјата и не претставува опасност за останатите граѓани.
„Лицата за кои прашувате ги почитуваат законите на Република Северна Македонија, се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава. Наведената група не претставува никаква опасност и апелираме на толеранција и солидарност кон истите“, велат од МВР.