Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Приватна куќа во населбата Средорек неколку месеци се користи како верски објект, од каде преку разглас се повикуваат верници на молитва и се пуштаат цели молитвени беседи.
Граѓаните кои живеат во тој дела на градот бараат од надлежните институции Општина Куманово и СВР Куманово да преземат конкретни мерки за да ја регулираат бучавата или да го затворат објектот.
„Немаме мир во нашите домови. Цели молитви и верски обреди се пуштаат преку разглас кои траат со сати и тоа најчесто попладне и за време на викенд, кога сите сме дома и сакаме да одмараме. Не може на кого ќе му текне да отвара верски објект, постои закон и правилник и за тие работи. Го пријавивме случајот во инспекциските служби, ако не се преземе ништо ќе направиме петиција, а ќе излеземе и на протест“, категорични се жителите.
Од Секторот за инспекциски надзор во Општина Куманово велат дека веќе добиле пријави од граѓаните. Бидејќи овој вид на бучава се води како вознемирување, односно прекршување на јавниот ред и мир што е надлежност на МВР, и тие го пријавиле случајот кај нив.
„Добивме повратна информација дека полицијата го идентификувала приватното лице кое ја создава бучавата. Дали против него е поднесена пријава или се преземени други мерки не знаеме“, одговорија од Општината.
Од СВР Куманово потврдуваат дека согласно законските надлежности веќе преземале мерки во случајот за приватната куќа која се користи како верски објект, но велат дека понатаму треба да постапуваат Општина Куманово и Основното јавно обвинителство.
„Од страна на СВР Куманово е побарано од Општина Куманово да се изврши инспекциски надзор и е констатирано дека објектот е изграден без одобрение за градење, но за истиот до сега не е извршено присилно извршување. СВР Куманово информира дека до Основното јавно обвинителство ќе биде поднесен соодветен поднесок за понатамошно постапување“, стои во одговорот на Кумановската полиција, на прашањата на Кумановоњуз.
Тие негираат дека Општина Куманово го пријавила случајот кај нив, туку тие постапиле по претходно добиени сознанија од страна на полициските службеници.
Од одборот на станари на зградите од „Водовод“ до „Мај маркет“ велат дека ја чекаат реакцијата на надлежните, по што ќе одлучат што ќе преземат и на кој начин ќе го изразат граѓанското незадоволство.
„ Имаме сериозен проблем. Немаме ништо против верска определба на нашите соседи од другата страна на реката, но мора да се почитуваат и нашите граѓански права. Во нивниот објект нека прават што сакаат, ние сакаме мир во нашите домови. Планираме да се сретнеме со луѓето кои го водат верскиот објект и да им го претставиме нашиот проблем. Се надеваме дека ќе најдеме заедничко решение на обострано задоволство, во спротивно ќе организираме протести и ќе бараме институциите да си го решат проблемот, а не да си ја префрлаат одговорноста едни на други“, велат членовите на одборот.
Во зградите од „Водовод“ до „Мај маркет“ има 630 станови и околу 2 илјади жители.