Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Неколкучасовна забава за нашите најмали сограѓани, насловена како „КуманиУм“ вчера се одржа пред Центарот за култура во Куманово, по повод 11 Октомври.
На уличниот фестивал манифестацијата беше презентирано дел од творештвото на детскиот ликовен камп АСНОМ, беше изведен перформанс од професионален жонглер, магионичарски трикови и анимација со популарни ликови од цртани филмови и видео игри , цртање и караоке забава.
„Одлична забава за најмладите. Вакви активности му недостасуваат на градот. Децата да се дружат да се опуштаат, не сите родители имаат средства да ги носат во игротеки и во паркови надвот од Куманово. На градот му фалат содржини за најмалите, и ова нека биде поттик на надлежните почесто да ги организираат, а не само за празниците“, велат двајца млади родители.
Во однос на посетеноста и како поминала детската забава задоволни се и организаторите.
„Презадоволни сме од денешниот настан, имаше голем одѕив кај граѓаните и вистинско воодушевување и радост кај најмалите. Ангажиравме професионален жонглер од Скопје, акробати и костимирани аниматори од популарна детска игротека од Куманово. Се помина онака како планиравме и во најдобар ред“, изјави Марио Арангеловски, директор на Фондацијата за култура и спорт.
Програмата предвидуваше забава за деца од сите возрасти кои активо можеа да се вклучат во сите збиднувања. Девојчињата се радуваа на фејс арт-работилницата кога лицата им беа осликувани со пеперутки, ѕвездички и други мотиви, а сите со нетрпение очекуваа да бидат изберени од магионичарот да му асистираат во неколку точки.
Изложбата на дела од Детската ликовна колонија АСНОМ, содржеше повеќе од 40 слики изработени со акрилни бои во последните 3 изданија на годишната уметничка работилница.
Настанот беше во организација на Фондација за култура и спорт „Куманово“, а под покровителство на Општина Куманово.