Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Околу еден час чекаа граѓаните за да дојдат на ред да си го подигнат ваучерот за инвертер - климите во Центарот за вработување во Куманово.
На списокот од Куманово и Липково се 286 лица, а постапката поминала без проблеми.
Оди бргу, луѓето се задржуваат во канцеларијата по неколку минути. Јас го подигнав својот ваучер за еден час, Е сега, многу сме, па мора и да почекаме, ама немаше некој да изреагира. Кога ќе видиш дека си тече работата нема место за лутење“, истакна Зоран И., пензионер од Куманово.
Задолжителен услов за подигање на ваучерите е со лично присуство, и со приложување на документ за идентификација.
Од Куманово и Липково 286 домаќинства добија ваучери во две програми, 125 граѓани од ранливите категории на потрошувачи и 161 по програмата за енергетска ефикасност. Вредноста се движи од 23.000 денари за потикнување на енергетската ефикасност, 27.000 денари добиваат самците, двочлените и семејствата со три члена кои имаат ограничени приходи, и по 30.000 денари се обезбедени за 34 семејства кои имаат по четири, пет или повеќе членови во заедницата.
За ваучерите граѓаните аплицираа во февруари, преку Министерството за економија. За овој проект минатата Влада обезбеди 4,1 милион евра. На повикот пристигнаа вкупно 18.805 барања по двата јавни повика. На огласот кој не е за ранливи потрошувачи барања доставија 14.500 баратели, а за огласот за ранливи потрошувачи 4.305 баратели. Вкупниот број на домаќинства кои ќе добијат вредносен ваучер преку двете програми изнесува 6.182.
Граѓаните кои денеска, до 15 часот нема да ги подигнат ваучерите за инвертер клима уреди, тоа ќе можат да го направат до 30 ноември, во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. До крајот на месецот истите ваучери мораат и да бидат искористени, по тој датум завршува важноста на мерката.