Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Патувањето со воз е поевтино, но повеќето граѓани преферираат автобуски превоз. Од Железничката станица во Куманово велат дека оддалеченоста од градот е причина поради која патниците поретко се одлучуваат да патуваат со воз.
Граѓаните се со поделени мислења. Постарите кои долги години се возеле со воз, велат дека железничкиот сообраќај има многу предности.
Зависи за каква релација правиме муабет. Ако е за подолга релација, подобро е, покомотно со воз, има повеќе места. Јас на времето кога татко ми работеше во Германија, Австрија сум патувал со воз, а сега луѓето прават обратно - вели Наим Исуфи, жител на Куманово.
Борис Милановски, исто од Куманово вели дека возовите се нередовни. Според него, кон Белград дневно има само две линии со воз, а со автобус има најмалку шест линии.
Дневно на железничката станица во Куманово се продаваат по 50 билети. Вработените велат дека имаат редовни патници, а најфреквентни линии се оние кон Скопје и Белград. Рано наутро првиот воз кон главниот град тргнува во 5 часот. Предвидени се седум линии кон Скопје од кои повеќето се во попладневните часови.
Издаваме месечи повратни карти кон Скопје кои чинат 1500 денари со новото поскапување, а претходно беа 1200 денари. Повратен билет до Скопје е 140 денари. Многу патници нема, освен тие што работат во Скопје. Во Велес, Битола луѓето многу повеќе го користат возот за превоз. Овде проблем е што железничката станица е далеку од центарот на градот и граѓаните мора да се снаоѓаат да дојдат до тука - велат шалтерските работници.
Во последниве месеци автобуската станица заради поевтинување на билетите привлече многу патници. Тие оценуваат дека во споредба со претходните три години, годинава имаат најголема фреквенција на патници. Дневно продаваат од 350 до 450 билети. Во понеделник и петок има поголем метеж, а за време на викенд е порелаксирано.
- Кон Скопје сообраќаме 28 до 32 пати во денот. Имаме автобуски линии кон Источна Македонија, Крива Паланка, Кратово, Пробиштип. Некогаш од одредени причини 10% од линиите не се возат, или ако нема интерес се намалуваат истите - велат од автобуската станица во Куманово.
Во работните денови на секои 15 или 30 минути автобус тргнува кон главниот град, а во сабота и недела возниот ред е поинаков, со тоа што автобуси има на секој час или на два часа. Првото тргнување е во 5 часот и 30 минути, а за враќање последниот автобус е во 8 часот.