Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Повеќето граѓани на Куманово жалат што се распадна некогашна Југославија.
Тие со задоволство се сеќаваат на времето кога државата обезбедуваше работа за секој што сакаше да работи, а за сите имаше бесплатно образование, здравство и социјална заштита. Но сепак, најмногу им недостасува мирот и безбедноста, црвениот пасош и слободата на движење, како и почитувањето на законите и државата.
Денеска е 29 Ноември, Денот на создавањето на СФРЈ. На овој ден 1943 година во Јајце на Второто заседание на АВНОЈ е формирана Социјалистичка Федеративна Република Југославија од шест републики и шест народи, меѓу кои и Социјалистичка Република Македонија. Југославија постоеше до 1992 година, кога се распадна по развојот на национализмот и крвавата војна во повеќето републики. И денеска кумановци жалат за распаѓањето на Југославија и со задоволство се сеќаваат, кога биле титови пионири.
Трајка Илиевска, невработена
- Јас живеев во времето на Југославија, тогаш многу поубаво се живееше. И сега вложуваат напори, но не е исто. Имаше добри плати, одмори, на иста плажа сме биле директори и работници. Сите бенефиции сме ги уживале, а сега сум без работа. Ќе ми остане во убаво сеќавање во секој случај.
Маре Цветковска, невработена
- Мене 29 Ноември ме асоцира на црвено - белото знаме. Ми фали бидејќи тогаш имаше работа. Добро беше, можевме да патуваме каде сакаме, слободно. Стандардот не бил којзнае каков, но сега веќе нема ништо и е многу полошо. Сега никој не работи. Со 31 година стаж сум на улица и на луѓето моја генерација им недостига Југославија.
Власимир Тричковиќ, градежник
- 29 Ноември ме асоцира на братство единство на Југославија, на големата држава. Во војска и по работа одевме од еден до друг крај на тогашната држава. Имаше луѓе кои не би отишле никаде да не беше ЈНА. Сега со велосипед да тргнам до вечер ќе се вратам и ќе ја прошетам цела држава. Државата е мала, но друго е што не оди вака, воопшто не е добро за живеење.
Миле Дамјановски, бербер
- Ми фали премногу. Јас сум од времето на стара краљевина. Тогаш фабриките работеа. Сега младите генерации се по кафеани, а јас на игранка израснав. Кафеаната не ги воспитува децата. Јас сум најстар берберин во Куманово. Беше многу поубаво, имаше сигурност, безбедност и плати добри. Јас сум стар, но за младите доаѓаат лоши времиња.
Елица Стефковска, пензионер
- Ми недостига редот и мирот што го имаше во Југославија. Ми фали, дури срце ме боли и нема да се врати никогаш веќе. Луѓето од мојата генерација го делат моето мислење. Сите беа вработени, а сега сите се под биро. Младите не знаат како беше тогаш, а ние постарите го бараме тоа време и нема да го најдеме. Сме патувале, сме оделе на одмор. Сега сме лишени од се, нема услови ни за стари ни за млади. Од сиромашни семејства со кредити сме направиле куќи, ама сме знаеле секој месец редовно се земаше плата, а сега не е така.