Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановци не се заинтересирани за енергетска ефикасност во нивните станбени згради.
За три до четири години, колку што трае проектот од планирани 5, само во две згради работите се делумно завршени. Ова денеска беше кажано на 37-та седница на Советот на општина Куманово.
Слабо е рекламирано и граѓаните малку знаат за оваа работа. Ваквата работа треба да продолжи. Да дадеме свој придонес во едуцирање на граѓаните - рече Александар Арсиќ, советник од СДСМ.
Раководителот на секторот за меѓународна соработка во општина Куманово, Горан Митевски објасни дека проектот носи бенефит за граѓаните, фасадите добиваат нов лик, а граѓаните ќе можат да заштедат и на долг рок да отплатат камата за добиените средства. Проектот го реализираат Хабитат, УСАИД и општината, така што Хабитат финансира 80 отсто, а остатокот го покрива општината.
Проектот не се одвива со задоволително темпо. Таква е ситуацијата и можеби економскиот сегмент е што не можат да одговорат станарите на условите кои се пропишани од страна на Хабитат. Затоа и сега правиме еден посебен обид за да се вклучиме како општина, да помогнеме во реализација на овој проект. На социјално-ранливите категории да им помогнеме во Куманово. Ќе се прават презентации, ќе има состаноци со станарите за да им се објасни - изјави Митевски.
Советниците дадоа предлози со проектот за енергетска ефикасност да бидат опфатени згради во централното градско подрачје.