Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сопствениците на само десет проценти од вкупниот број на дивоградби во Куманово поднеле барање за легализација за бесправно изградени објекти. Во Секторот за урбанизам и комунални дејности во општината Куманово кажуваат дека досега се поднесени само 1400 барање, а на територијата на општината има регистрирано над 13 илјади дивоградби.
Постапката не се спроведува со оној интензитет со кој се очекуваше. Ние во општината имаме формирано три комисии, кои секојдневно излегуваат на терен, и согласно законската процедура ги евидентираат пријавените објекти за подоцна да добијат урбанистичка согласност и решение за легализиран бесправно изграден објект.Доста луѓе доаѓаат кај нас да се информираат, затоа што не се до крај запознаени за кои објекти се однесува легализацијата. Тие мислат дека се што е бесправно изградено ќе се легализира за едно евро, што не е случај со колективните и деловни објекти за кои се плаќа цена која е предвидена со одлука на Советот - вели Лидија Ланг-Спасовска, раководител на Секторот за урбанизам и комунални дејности во општината Куманово.
Комисијата поминала повеќе од половина од пристигнатите барања и досега издала 60 решенија, од кои дел не се подигнати од сопстевниците затоа што не ги платиле комуналиите. Од Секторот се надеваат дека интересот за легализација ќе се зголеми во текот на летниот период, кога ќе дојадат на годишен одмот гастарбејтери што овде имаат изградено куќи без дозвола.
Крајниот рок за поднесување на барањата е 4 септември годинава, а службите во наредните 6 години треба легализираните објекти да ги вметне во во урбанистичко-планската документација и градот да се справи со дивоградбите. Сите што нема да ја поминат процедурата ќе се уриваат. Најмногу дивоградби има во населбите Пуковско, Ајдучка чешма, Циглана, Железничка Станица, кај Градскиот Стадион и на повеќе други локации.