Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановските стоматолозите тврдат дека само 30 отсто од граѓаните се грижат за своето орално здравје, а останатите ја занемаруваат хигиената на забите. Најчест изговор зошто се доведуваат во таква состојба е дека наводно се плашат да одат на лекар.
Стоматологот Елизабета Стефановска, вели дека пациентите доаѓаат кај неа кога имаат неиздржлива болка и кога “дошол нож до коска“.
Нашите сограѓани немаат доволно здравствена и стоматолошка култура. Многу повеќе трошат пари на козметика и шминка. Доаѓаат пациентки со надградени нокти, со фризури, обетки, шминка, средени, а за забите не водат грижа. Доаѓа 15 - годишно девојче со мајка, четка и паста не знае што е. Во живот не видело. Не знае кои се правила на хигиена за оддржување на заби. Не мие заби и јас им објаснувам правила, техника на миење како треба. Мајката вика “добро докторке, како треба, што ќе кажете вие, се ќе купиме ние“, а девојчето тинејџерка. Ова случка не остави без коментар - вели Стефановска.
Докторката Мирјана Аврамовска, објаснува дека сега е тренд печалбарите од Авганистан да ги избелуваат забите за да имаат убава насмевка. Тие наместо амалгамски бараат бели пломби. Таа вели дека многу кумановци трошат пари на шопинг и шетање, а кога ќе ги чујат цените за поправка на заби им се чини скапо.
Има пациенти кои се толку запуштени да не знаеш од каде да почнеш. Имаат парадентоза, радекси, недолечени заби, крварење. Сами си признаваат на 30 или 40 години луѓе дека не мијат заби, ниту одат на забар. Од друга страна има родители кои се педантни, и ги носат малите деца да видат дали има кариес на млечни заби. Има од околните села луѓе кои доаѓаат само кога мораат, кога треба да се вади заб, кога се отечени. Кога ќе им кажам цена за заб, за протеза им се чини дека е многу, а за одмор, шопинг даваат многу повеќе пари. Забите се важни за естетика, фонетика, пред се за џвакање - вели Аврамовска.
Неодамнешни резултати од едно истражување покажа дека Македонците најмалку трошат за средства за лична хигинеа и ретко посетуваат стоматолог.
Не е точно дека Македонците малку трошат за хигиена. Јас со тоа не се сложувам, напротив мислам дека доволно трошиме за убаво да изгледаме. Многу се убави кумановци и доста посветуваат на својот изглед. Посебно млади момчиња и девојчиња - тврди Станојка Трајковска од Куманово.
Стоматолозите се согласни дека хигиенските навики им ги пренесуваат родителите на децата.