Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Лазар Таневски (57) од Куманово е првиот производител на нафта на Балканот од преработка на стара пластика. Овој сопственик на отпад, успејал во својот погон дневно да произведе над 300 литри нафта, или за пет дена колку што работи пробното производство 1,5 тон гориво со висок квалитет.
Идејата за преработка на пластика на Таневски е стара 5 години, а се реализирала пред неколку дена, кога потекле првите количини на нафта, која се користи за потребите на нивниот процес на производство.
Пластиката што се собира од ѓубре се меле со посебна машина, која потоа се става во реактор, кој со одредени реагенси и катализатори се затоплува на одредена температура, се разложуваат молекулите, по што добиваме 4 типа на гориво: 15 проценти плин, а 85 проценти мешавина од нафта, керозин и бензин. Процесот на преработка на пластиката трае 8 часа. Кога ќе се подигне температурата на 200 степени, почнува да тече гориво. Еден тон пластика дава 1000 литри гориво.Во процесот на производството нема никаква загуба, максимално се искористува пластиката, а отпадот е многу мал. Од 500 килограми пластика имаме само 1.3 килограми отпад, кој гори и е појак од коксот-објаснува Таневски.
Тој наскоро погонот ќе го дислоцира во м.в. Краста на периферијата на Куманово, каде ќе инсталира поголеми машини, планира дневното производство да биде од 4-6 тони нафта. Процесот на производството го следат професори од Технолошкиот и Хемискиот факултет, како и инспекторот за животна средина од Куманово, а испитувањето на квалитетот нафтата се врши во лабараторијата на Окта. Досегашните анализи покажале дека квалитетот е повисок од нафтата за домаќинство, бидејќи внатре има бензин, керозин и нафта, кои со хемиска обработка можат да се добијат како чисти горива.
Ова е за пофалба и јас сметам дека сите релевантни институции треба да дадат максимална подршка за овој проект да се реализира што побрзо. Во нашата земја од овој месец започнува законската обврска за селектирање и рециклирање на отпад, така да овој проект доаѓа во вистинско време. Ако овој проект се реализира според замислата тогаш Куманово ќе биде нај еколошкиот град во државата - Бобан Бојковски, инспектор за животна средина во општината Куманово.
Таневски, кој откупувa пластиката и ја продавал во странство самиот се заинтересирал зошто странците толку го сакаат нашето ѓубре. По доста истражувања и анализи утврдил дека ние практично им продаваме чисто гориво. Стапил во контакт со фирма во Бугарија која работи на сличен проект и од таму ја купил лиценцата и технологијата. Досега за проектот потрошил околу 200 иљади евра, а за наредните инвестиции очекува помош од државата и странските фондови.
Нашето гориво е затрпано во кумановската депонија. Ние имаме пластика за да извезуваме гориво. Само во отпадот имаме залихи од 300 до 500 тони пластика - вели Таневски.
Според неговите сознанија вакви фабрики за преработка на пластика има само во пет градови во Европа. Тој посетил дел од нив, каде видел дека може да се преработува и маслото од автомобилите и се друго што ја загадува животната средина. Затоа апелира да граѓаните да го селектираат и продаваат сметот, со што ќе го подобрат семејниот буџет, а ќе да допринесат сите да живееме во чиста животна средина.