Кумановецот Дејвид Стоилковски автор на муралот на Блаже Конески во Скопје

10.09.2021 11:15 | Сузана Николиќ

Сакав да укажам дека како народ сме биле силни и истрајни, но допрва треба да истраеме и да ја негуваме нашата традиција, вели Стоилковски, автор на муралот посветен на Блаже Конески

Кумановецот Дејвид Стоилковски автор на муралот на Блаже Конески во Скопје

По повод 30 години од независноста на Македонија и 100 години од раѓањето на великанот на македонскиот јазик Конески, во Кинотеката на Македонија беше откриен мурал во негова чест, кој го изработи кумановецот Дејвид Стоилковки - Молерај.

На него е насликан портретот на Конески, заедно со извадок од песната „Тишина“.

Стоилковски вели дека инспирацијата за муралот ја црпел од богатото творештвото на Конески посветено на нашата држава и култура, а дополнителен мотив му било тоа што ова е прв мурал во Скопје на оваа тематика, односно претставување на портрет на еден великан во Македонија.

„Како што се гледа на муралот во композицијата се вклучени неговиот портрет како главна слика, за тоа кој бил и што направил за нашата татковина. Прв елемент кој го опишува целосно муралот се додатоци од неговото творештво, тоа е извадок од творбата ‘Тишина’, која ја направив со неговиот автентичен ракопис на нашата кирилица и нашите традиционални шари од носиите, односно орнаментите кои ја красат позадината и кои некаде во композицијата се појавуваат како ситни детали со што сакав да укажам на тоа дека како народ сме биле силни и истрајни и дека допрва треба да истраеме и да ја негуваме нашата традиција“, вели Стоилковски.

Тој додава дека посебна симболика на муралот се македонските орнаменти кои се наоѓаат како дополнително обогатување и со нив се кажува за богатата наша традиција и култура, а песната „Тишина“ ја одбрал само заради тоа што му е омилената од неговиот богат творечки опус. На муралот е претставен и неговиот познат потпис со посвета за 100-годишнината од неговото раѓање.

„Многу ми е мило што се поклопи 100-годишнината од раѓањето на Конески, со 30 години независна Македонија. Тоа имаше големо влијание врз мојата работа, затоа што да се биде дел од еден ваков настан е едноставно чест за мене како уметник. 8 Септември е спој на целата наша култура и литература, борба за независност, дел од нашата историја“, изјави Дејвид, кој го изработил муралот за два дена, а го ангажирале од Фестивалот за урбана култура „Мурал“ и Град Скопје.

Дејвид Стоилковски е дипломиран графичар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, моментално работи како тату артист во студио во Скопје, а живее во Куманово. Познат е по својата изработка на повеќе мурали во земјава и странство, кои се комбинација од реалистични мотиви помешани со апстрактни, односно минималистички делови како позадина во композицијата, и кои никого не остават рамнодушен. Во Куманово негови мурали красат повеќе станбени блокови, училишта и јавни објекти. Предизвик му се муралите со големи димензии.

„Љубовта кон муралите ми потекнува од графити културата со која израснав и каде што бев активен до пред некое време. Со текот на времето сакав да се надоградувам и да учам нови техники, но љубовта остана иста, а тоа е контактот со ѕидот. Ме фасцинираше самиот процес и си реков морам јас да го работам ова. Така почна и полека полека се надевам ќе продолжи како тука така и во странство“, вели Дејвид.

 

Тој досега имал повеќе групни изложби, а за неговата прва самостојна изложба, која е скоро подготвена, вели дека чека некое помирно и нормално време, без рестрикции каде што ќе можат да дојдат сите оние кои сакаат да ги видат неговите дела.

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk