×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Куманово 12 дена без градски превоз, граѓаните бараат итно решавање на проблемот

    12.01.2022 18:03 | Сузана Николиќ

    Куманово веќе 12 дена е без градски превоз, а неизвесно е кога ќе се изберат новите превозници.

    Куманово 12 дена без градски превоз, граѓаните бараат итно решавање на проблемот

    Комисијата за спроведување на постапката за избор на превозници за општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, пред 14 дена го отвори тендерот, но се уште нема одлука кој ќе ги вози граѓаните во наредниите 5 години. На тендерот се пријавиле 9 превозника кои конкурирале за 24 линии во општината.

    Од Oпштина Куманово ни кажаа дека постапката е во тек, но не знаат кога точно ќе заврши, бидејќи по донесување на решенијата следи жалбениот период. 

    Учесниците на тендерот имаат информација дека избор на превозници е при крај, само се чека градоначалникот да се врати од странство да ги потпише решенијата.  Во зависност од исходот ќе видат како ќе постапуваат понатаму.
     

    „По добивањето на решенијата ќе видиме дали ќе има жалби или не, се зависи како се поделени линиите. Да се надеваме дека се ќе биде во ред и брзо ќе почнеме со работа, бидејќи во овој период најмногу трпат граѓаните, особено жителите од приградските и селски населби. Според нивните кажувања на терен е хаос. Градскиот превоз го вршат диви такси превозници, со стари и небезбедни возила, возат пензионери, кои стават импровизирани таблички од такси превоз. Никој не ги конторлира ни санкционира, ни општинските служби ниту сообраќајната полиција“, велат превозниците кои денеска ги контактиравме.

    Тие сметаат дека постапката за избор на превозници трае предолго, а можела да се заврши за само неколку дена со оглед на тежината на проблемот, но и почетокот на второто полугодие од учебната година кога треба да се обезбеди превоз за учениците.

    Граѓаните и сопствениците на фирми секојдневно реагираат и се интересираат кога ќе заврши изборот на нови превозници. Се жалат дека поради превозот им трпи работата, одат пешки или плаќаат такси услуги, кои се дополнителен товар за нивниот скромен буџет. Дел од газдите се уште ги возат работниците до работните места, но велат дека веќе немаат сила да издржат. Жителите од околните села можат да дојдат во градот само доколку самите си организираат превоз, во спротивно се отсечени од светот.

    Сите се едногласни и бараат локалната власт да ја забрза постапката и под итно да го реши проблемот со градскиот превоз и да обезбеди квалитетни услуги на граѓаните кога веќе се нафатила да го води градот.

    Од 1 јануари, кумановци останаа без градски превоз затоа што Општината ја задоцни постапката за избор на нови фирми за превоз на патници. Општина Куманово тендерот го распишала на 15 декември, а го отвори на 30 декември,  но новите превозници ќе започнат со работа по завршување на жалбениот период и потпишување на договорите. Тоа може да трае 20-дена, но и да се развлече со месеци.

    Во Општина Куманово јавен градски превоз користат над 15.000 граѓани, од тоа 5.000 ученици во основните и средни училишта.