Мени

Куманово е „заложник“ на исти луѓе кои секојдневно палат отпад и ги трујат граѓаните, кажаа надлежните

25.06.2026 19:09 | Сузана Николиќ

Жителите на булеварот „Октомвриска револуција“ најавуваат дека ќе го блокираат сообраќајот на улицата, незадоволни од тоа што несовесни граѓани секојдневно палат секаков вид отпад во месноста Стари Лозја и покрај железничката пруга, со што го загадуваат воздухот и го загрозуваат нивното здравје.

 

Куманово е „заложник“ на исти луѓе кои секојдневно палат отпад и ги трујат граѓаните, кажаа надлежните

Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Георгиевска, изјави дека станува збор за исти лица, поради кои целиот град е практично заложник, и побара од командирот на Полициската станица во Куманово  Александар Лазаревски да се преземат конкретни мерки за спречување на ваквото самоволие.

„Одржавме седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на која договоривме повеќе мерки за заштита од пожари, меѓу кои заеднички патроли и истурен пункт на противпожарната единица. Но, веќе наредниот ден имаше палење кабли зад КАМ и во тунелот кај железничката пруга. Сите знаете дека жителите на „Октомвриска“ сакаат да ја блокираат улицата поради огромното незадоволство од постојаното палење и чадење, кое го загадува воздухот. Што може да преземе СВР Куманово и како да се справиме со овие девијантни појави на поединци, кога цело Куманово е заложник? Тие продолжуваат да го прават тоа иако се свесни дека можат да се соочат со санкции“, рече Георгиевска.

Командирот Александар Лазаревски, потврди дека на посочената локација секојдневно се палат кабли и други електрични уреди со цел да се извлече бакарот и потоа да се продаде. Тој нагласи дека полициските служби континуирано работат на решавање на проблемот и дека имаат ограничено дејствување, поради долгите судски постапки кои им одат во прилог на пироманите.

Тој информираше дека од денеска на терен е активна една патрола, а од понеделник ќе функционираат две патроли составени од полициски службеници и комунални редари.

„Нивна задача ќе биде да ги откриваат и спречуваат лицата што палат отпад. Доколку бидат затекнати на лице место, ќе бидат приведени. Од лично искуство можам да кажам дека станува збор за лица кои вршат тешки кражби, кражби и оштетувања на имот. Против нив континуирано се поднесуваат прекршочни и кривични пријави, но постапките траат долго, што не придонесува за нивно одвраќање од ваквото девијантно однесување. Има и малолетни лица, за кои се водат посебни постапки, што дополнително ги оптоварува службите и ги ограничува можностите за преземање мерки“, изјави командирот.

Тој додаде дека веќе имале фатено лица, за кои Обвинителството оценило дека станува збор за прекршок против јавната чистота, а не за загрозување на безбедноста на граѓаните.