Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Повторно се издадени предупредувања за високо загадување на амбиенталниот воздух во Куманово, и препораки до Општината да преземе мерки за намалување на загаденоста и заштита на здравјето на граѓаните.
Дневниот просек на ПМ 10 честички во последните два дена е повисок од 110 mg/m3, според Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Загадувањето со ПМ 10 било најголемо на 5 јануари околу 21 часот кога биле измерени 204,76 mg/m3, на 6 јануари на Бадник 202 mg/m3, а синоќа 156 mg/m3.
Концентрацијата на ПМ 2,5 честички, во истиот период покажува дека се измерени 172 mg/m3 на 5 јануари, дури 197 mg/m3 на 6-ти и 154 mg/m3 на Божиќ. Секое надминување на вредноста на ПМ 2,5 повисоко од 110 mg/m3 се сметаат за екстремно високо загадување.
Општинските служби го добиле известувањето, а се однесуваат на веќе познати препораки за заштита на населението.
Од Општина Куманово на граѓаните им препорачуваат користење на јавниот линиски превоз, да се избегнува употреба на автомобили без поголема потреба, да се користат автомобилите за превоз на повеќе патници одеднаш, да не се затоплуваат просториите со прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел,стиропор, пластична амбалажа, парчиња гума или било каков синтетички материјал. Се препорачува проверка на печките на дрва, но и најстрого се забранува палење на оган на отворено.
Од Министерството за здравство (МЗ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) препорачуваат огранчени движења и активности на отворен простор на најранливите категории на граѓани- деца, стари лица, хронично болни со белодробни или кардиоваскуларани болести, а се нагласува особена внимателност за граѓаните со белодробна астма. Препораките особено важат за работниците кои работата ја извршуваат на отворен простор.
За една недела ова е второ надминува на прагот на загадувањето на возоздухот, првото предупредување беше издадено на 3 јануари.