Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Куманово ќе биде прв град во Македонија што ќе направи Геоинформациски центар за урбани апликации. Станува збор за единствен информациски систем во кој ќе се собираат сите податоци за недвижнините на подрачјето на Општината.
По примерот на европските земји преку овој систем граѓаните ќе можат да дојдат до информации за урбанистичките проблеми: градежни дозволи, потврди за инвестициони проекти, согласност за градба на нови објекти и др.
„Носител на проектот е Општината, а вклучени се јавните претпријати и Катастарот. Во системот ќе има податоци на недвижности, имоти, инфраструктура, водовод, канализација, гасификација, осветлување и за сите објекти во локалната самоуправа. Со тоа ќе олесни пристапот до информации од страна на граѓаните, но и работата на локалните институции. Со ваков систем е „покриена„ цела Словенија која, како што знаеме, функционира мошне успешно во реализацијата на својот вкупен развој, а Куманово сака да стане пионер во Република Македонија на тој план„ - рече градоначалникот Зоран Дамјановски на консултативниот состанок со директорите на петте кумановски јавни претпријатија, кои директно ќе бидат вклучени во Геоинформацискиот центар на Куманово.
Новиот систем треба да ја среди сегашната хаотична состојба во која, 80 насто од општествениот имот: земјиште, згради, фабрики, спортски објекти и друг имот не се катастарски изложени, функционираат без технички прием и не се знае нивниот статус.
Предлог проектот за Геоинформацискиот центар го изработи Јуре Бесеничар од Словенија, кој на претставниците на локалната самоуправа и на јавните претпријатија од Куманово им го презентираше начинот на имплементација и функционирање на системот, како и искуствата и придобивките од оваа новина во Словенија.
Сретства за изработка на проектната документација и имплементација на проектот ќе се бара преку Советот на Општината. Создавањето на овој модерен, но сложен систем на податоци ќе трае неколку години, а ќе чини околу 300 илјади евра.