×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановската библиотека го одбележува месецот на книгата

    20.10.2022 10:18 | Оливера Пешевска

    Со најмалите сограѓани, дечиња од Детската градинка „Ангел Шајче“ од Куманово, во Градската библиотека „Тане Георгиевски“  започнаа активностите за одбележување на месецот на книгата, кој традиционално секоја година трае од 15 октомври до 15 ноември. 

    Кумановската библиотека го одбележува месецот на книгата

    Дечињата од големата група на кланот „Развигорче“ на библиотеката и подарија рачно изработена сликовница на темата „Заштитни мерки почитуваме, сликовница вам ви посветуваме“,  а за возврат можеа да изнајмат книга по сопствен избор. Со ова се прави обид да се анимираат и да се популаризира читањето и меѓу најмладите.

     По повод месецот на книгата тече и бесплатно запишување на второоделенците во библиотеката, а планирани се и групни уписи на средношколците со попусти и семеен упис на возрасни читатели со што се зголемува бројката на редовни членови. 

    Во наредните денови ќе се одржат натпреварите за литературен и ликовен конкурс на тема „Една ноќ во библиотеката“ за учениците од основните и средните училишта. На конкурсот ќе учествуваат по три деца од секое основно училиште и по пет средношколци, кои ќе творат на одредена тема поврзана со книга во категорија поезија, проза и ликовна творба. Најдобрите дела ќе бидат наградени со дипломи, благодарници и подарок книга обезбедени од библиотеката „Тане Георгиевски“.

    Во библиотеката лани членувале над 1200 читатели во одделот за возрасни и околу 1000 во детскиот оддел, а се очекува оваа година бројката да се натфрли.

    „До почетокот на октомври имавме запишано околу 1200 читатели, но до крајот на годината остануваат уште 3 месеци, па се надеваме дека минатогодишната бројка на наши членови ќе биде надмината“, објаснува Христина Алексовска, директорка на библиотеката.

    Библиотечниот фонд постојано се зголемува со нови изданија кои се многу популарни меѓу членовите. Најбројни и најактивни се помладите од возрасна група 25-45 години, но има и пензионери и постари сограѓани кои редовно ја посетуваат библиотекат. Се зголемува и бројот на читатели на албански изданија и повторно во истата возрасна граница на помлади лица.

    Промоцијата на нови книги се одвива постепено, по десетина книги неделно, за сите да можат да дојдат до израз и да бидат забележани од заинтересираните.

    „Ова пракса се воведе во последните 2-3 години, на што јас инсистирав зошто сметам дека ако одеднаш се пуштат сите новитети,се преплавуваат читателите, па дел од делата не успеваа да постигнат забележителен и секако заслужен успех. На овој начин секогаш има нешто актуелно. Најголема побарувачка има за белетристика, романи од англиското говорно подрачје, љубовни, криминалистички, трилери, мотивациони, психолошки, се уште се актуелни Остин, Бронте, а редовно се изнајмуваат и класиците на светската книжевност, главно од повозрасните. Зависно и од годишното време се менува и побарувачката, во текот на летото претежно се бара „полесна“ книга за на плажа “, потенцира Алексовска.

    Библиотеката редовно организира саеми на книги од најголемите издавачки куќи од Македонија. Се одржуваат и презентации и промоции на дела од македонски автори.

    Најголем проблем е просторот, се бара решение за сместувачките капацитети зошто веќе се преплавени со книги и кубурат со место каде да ги сместат.  Библиотеката се финансира со блок дотации и со самофинасирање, а е под надлежност на Општина Куманово.