×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановски професори дел од тимот на првата македонска интернет платформа за онлајн учење

    08.05.2020 11:09 | KumanovoNews

     Професори по математика и физика од Куманово се дел од тимот на првата македонска интернет платформа Jetminds каде учениците од основните и средни училишта бесплатно можат да учат онлајн, материја направена од врвни инструктори на македонски јазик.

    Кумановски професори дел од тимот на првата македонска интернет платформа за онлајн учење

    Платформата во моментот нуди лекции од областа на математика, физика и хемија, а има за цел да понуди материјали видео лекции и квизови за сите предмети од училиште, следејќи ја официјалната образовна програма во Македонија, пренесени на мајчин јазик.

    Тимот на математичари кој изработува видео лекции и квизови, односно задачи за самопроверка за учениците од средно образование се состои од 7 експерти по математика, од кои тројца се од Куманово: Александра Арсовска и Филип Младеновски, професори во Гимназијата „Гоце Делчев“, како и Слаѓан Станковиќ, професор во Техничкото училиште „Наце Буѓони“, а во тимот на физичари е Саша Стаменковски.

    Видео лекциите на платформата се достапни бесплатно за учениците, додекa функционалностите како задачи, аналитика и вештачка интелигенција се дел од премиум пакетот. Дополнително, се нуди детална аналитика за родителите.

    Професорката Александра Арсовска од Куманово, веќе два месеци е дел од тимот Jetminds и вели дека редновно ја користи оваа револуционерна платформа со нејзините ученици, а дополнително и самата создава видео лекции.

    „Во моментов на платформата учениците можат да ја најдат целокупната материја по математика за основно образование како и поголем дел од материјата за средно образование. Исто така учениците можат да најдат и лекции по физика и хемија, а набрзо тимот на платгформата ќе почне да ги поставува и лекциите по биологија, географија, историја и други предмети“, објаснува Арсовска, која е и магистер по математичко образование и веќе 11 години предава во гимназијата.

    Tаа додава дека оваа платформа е соодветно направена за учениците бидејќи е по принцип на гејмификација, секој корисник добива поени во зависност од различни активности на платформата при што потешките активности секако носат повеќе поени. Тимот на експертите се обидува да ги детектира сите слабости на образованата програма и да ги надгради за да понуди поквалитетна едукација.

    „Предностите на оваа платформа се и во тоа што може да се користи и како дел од онлајн настава, а голем дел од професорите и наставниците веќе ја користат како свое помошно средство. Во голема мера, јас држам часови на zoom и често се случува некои ученици да не се вклучат на часот од различни причини или во тек на часот се исклучуваат и повторно се вклучуваат поради нивната интернет конекција. По завршување на часот, материјалите и решените задачи им ги праќам електронски, но им давам можност истите да ги погледнат на Jetminds, а оваа опција се покажа многу подобра за учениците, бидејќи не се ограничени со време кога прегледуваат содржини, можат да враќаат или прескокнуваат делови, за талентираните ученици има посложени задачи и слично“, додава Александра.

    Во времето на вонредната состојба, вели професорката, бројот на посетители постојано се зголемува.

    „Растот на бројот на корисници на платформата пред настапување на вонредната состојба беше константен. Со настапување на вонредната состојба бројот на корисници на платформата значително се зголеми. Моментално платформата на дневно ниво активно ја користат преку 30.000 ученици, во најголем дел од основните училишта во Македонија“, посочува професорката по математика.

    На развојот на JetMinds работи тим од преку 20 експерти, а на подготовката на материјалите преку 40 експерти.

    Платформата JetMinds беше промовирана во декември 2019 година и подржана е од Фондот за иновации и технолошки развој.

    (Фросина Марковска)