Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од Центарот за социјални работи во Куманово потврдуваат дека лани се евидентирани 17 деца кои питале на улица.
Ромите од кумановската населба Средорек се почесто заминуваат во други градови во земјава за да питачат. Мајки со мали деца одат во Тетово, Гостивар, Скопје, а некои дури поминуваат и преку граница во соседна Србија. Од Центарот за социјални работи во Куманово потврдуваат дека лани се евидентирани 17 деца кои питале на улица.
Жителите на Средорек велат дека беспарицата и невработеноста се фактори кои ги принудуваат луѓето да питачат.
Ако краде ќе го затворат, па подобро е да проси. Не може од питачење да извади повеќе од 300 денари дневно, а кој има деца тоа е за основни работи, леб и млеко. Оние кои заминале во Тетово на пример, поставуваат шатори покрај автобуската во градот каде има ѓубриште и импровизирани куќички во кои тие престојуваат. Сега летно време ги има доста и на автобуската станица во Куманово. Ги брка полицијата, ама за 10 минути пак се враќаат. Социјална помош ако не земаат, нема од што да живеат - вели Орхан Решитовски, жител на Средорек.
Во летниот период социјалните работници излегуваат на терен. Велат дека оние родители кои еднаш се опоменати, вторпат не се случува децата да ги пуштат на улица. Центарот за социјални работи во еден случај има дадено предлог за вршење на надзор над родителско право, по што децата се сместени кај бабата и не просат. СВР Куманово против десет лица има поднесено кривични пријави за питачење. Судска разрешница уште нема бидејќи родителите не доаѓаат на рочиштата и со тоа го одолговлекуваат целиот процес.
Зимава деца на улица немаше. Ние кога одиме на терен, пополнуваме анкетен лист, им вршиме идентификација, ги прашуваме зошто излегуваат да питаат и дали некој ги натерал. Децата обично се исплашени. Утредента ги викаме родителите. Тие кажуваат дека децата гледаат едни од други и доброволно просат бидејќи се материјално загрозени. Ако родителот не го пронајдеме детето се сместува во “25 мај“ установа за деца со воспитно социјални проблеми во Скопје. Се случува од едно семејство три деца да просат - објаснува Елизабета Анѓеловска, социјален работник.
Министерството за труд и социјална политика има отворен телефон 15 505 на кој граѓаните можат да ги пријават социјално загрозените лица. Анѓеловска вели дека јавувања има, но граѓаните се јавуваат за совети за одредени постапки или за работи кои не се во надлежноста на ова министерство.
Невладините организации во градот не работат на оваа проблематика. Дилбера Камберовска од невладината “Даја“ смета дека институциите треба да делуваат и да обезбедат работа и пристојни услови за живот на Ромите и тогаш питачењето ќе се сведе на минимум.