Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Музеј Куманово наредната недела со низа настани ќе ги одбележи „Европските денови на културното наследство“, кои траат од 23 до 29 септември. Во активностите ќе бидат вклучени ученици од основните и средните училишта од градот.
Активностите започнуваат во понеделник - 23 септември со работилници за основци и едукативна игра за учениците од 6 и 7 одделение.
„Археолог на еден ден и Археосфера се настаните со кои ќе започнеме да ја одбележуваме Европската недела за културно наследство. Ги вклучуваме децата од основните училишта кои преку работилници и едукативни игри ќе се запознаат со историјата и наследството кое се наоѓа на овие простори, а се пронајдоци на вработените на институцијата од нејзиното основање до сега. Истовремено се обидуваме да има ја појасниме и приближиме нашата работа и значењето на она со кое се занимаваме“, истакна директорката Марија Миљуш Божурска.
Во вторник во средното училиште „Киро Бурназ“ ќе се одржи промоција на три етнолошки филмови „Мека душа за тврдо железо“, „Таму негде горе во планината“ и „Голубарот“. Во среда продолжуваат со детските, едукативни игри и работилницата Детски игри од минатото. „Сподели богатство“ е играта во која децата ќе разговараат за наследството кое поврзува и на локално, но и пошироко регионално и меѓународно ниво, а во петок активностите се заокружуваат со изложба на дела од „Ликовна колонија Куманово 2023“ во Лапидариум на Музеј Куманово во 12 часот.
Европските денови на културнотo наследство претставуваат нajшироко прифатен партиципативен културен настан којшто го споделуваат граѓаните на Европа. Низ повеќе од 70.000 настани што се организираат во земјите – потписнички на Европската културна конвенција, оваа сеевропска иницјатива има за цел да ја подигне свеста кај пошироката јавност за заедничкото европско наследство.
Целта на проектот е подигнување на свеста на пошироката јавност за значењето на културното наследство, неговата вредност и заштита.
На републичко ниво на одбележувањето на неделата се приклучува и Министерството за култура, како и националните и локалните институции од повеќе градови од државата.