Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во последниве две години над 40 лица со попреченост од Куманово, се вработени во приватни компании.
Тоа е половина од вкупниот број на вработени во земјата, преку проект на УСАИД. Работниците главно се ангажираат на помошни работни места, кои се покажале како многу вредни и професионални.
„ Досега преку овој проект се вработени 78 лица на ниво на држава, и се надеваме дека оваа бројка наредните месеци ќе се зголемува“ - изјави Џејмс Стајн, директор на мисијата на УСАИД во Македонија.
Локалната самоуправа од буџетот одвојува по 20 000 евра годишно за помош на лицата со хендикеп, но градоначалникот Зоран Дамјановски призна дека сеуште нема ниту еден вработен во општината Куманово.
Но, во јавните претпријатија, установи има лица со пречки во развојот кои се вклучени во работниот процес“- вели градоначалникот.
Од “Порака наша“ велат дека за луѓето со попреченост најважно е осамостојувањето.
“Како за секој човек, така и за лицата со попреченост можноста за вработување е нешто најнеопходно во животот. Ако немаат егзистенција, не можат да живеат нормално. Ако нема вработување, не се чувствува корисен во општеството“ - рече Благица Димитровска, претседател на “Порака наша“.
Новина за работодавците е тоа што на секои 35 вработени ќе треба да примат и едно лице со пречки во развој.
„Имаме вработен во продажба и задоволни сме. Постојано учи и напредува доста добро“ - вели Вања Шиповиќ, од Мега.
Во Куманово денеска се одржа саем за вработување на лица со попреченост, организиран од УСАИД , општината и “Порака наша„. Се претставија 20 фирми од регионот, од кои дел веќе имаат ангажирано лица со пречки во развојот, а останатите заинтересирани имаа можност да се запознаат со потенцијалните работници. За вработување на лице со посебни потреби државата на фирмите им дава посебни олеснувања и стимулации.