Кумановските ветерани ја одбележаа годишнината од смртта на Тито
Членови на Здружението на армиски и полициски ветерани и граѓани од Куманово денеска положија цвеќе на спомен-обележјето на поранешниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито, по повод 4 мај – денот на неговата смрт.
На присутните им се обрати претседателот Драган Стојковски, кој зборуваше за улогата на Тито во поранешната држава, а особено за неговиот придонес во создавањето на македонската држава.
„Со неговото залагање македонскиот народ доби официјална потврда дека постои, дека е автохтон народ на овие простори. Имаше посебен однос кон македонското национално прашање во однос на останатите држави. Сведоци сме дека го унапреди образованието, имаше бесплатно школство и здравство, на што денеска со носталгија се сеќаваме“, изјави Стојковски.

Тој додаде дека животот на Тито може да се подели во три периоди: од 1941 до 1945 година, кога го предводел антифашистичкото востание за ослободување на земјата; од 1945 до 1955 година, кога се посветил на унапредување на работничките права и изградба на земјата; и од 1955 до 1980 година, кога бил дел од Движењето на неврзаните, државник и активен учесник во борбата за мир во светот.
Јосип Броз е роден на 7 мај 1892 година во Кумровец, во Хрватска. Во 1907 година, започнал да работи како ученик-бравар во Сисак. Таму станал свесен за работничкото движење и за првпат го одбележал 1 Мај – Денот на трудот. Во 1910 година се приклучил на синдикатот на металуршките работници и станал член на Социјалдемократската партија на Хрватска и Славонија.
Тито бил генерален секретар, а подоцна и претседател на Комунистичката партија на Југославија од 1939 до 1980 година. Ја предводел Југославија во Втората светска војна. На чело на партизанското ослободително движење бил од 1941 до 1945 година. По војната бил премиер на Југославија, а подоцна и претседател на државата. Од 1943 година до неговата смрт бил одликуван како единствен маршал на Југославија и врховен командант на Југословенската народна армија.
Покрај државничките обврски и лидерските функции во КПЈ и СФРЈ, Тито бил еден од основачите на Движењето на неврзаните.
Јосип Броз Тито почина на 4 мај 1980 година во Клиничкиот центар во Љубљана. Погребан е на Дедиње во Белград, во Куќата на цвеќето.