Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Проблемот со паркирањето во Куманово станува се поактуелeн, а локалната власт со неизнаоѓањето на трајно решение станува соучесник во неговото креирање, велат од Локалниот огранок на Левица Куманово.
Партијата во соопштение до медиумите наведува дека веќе подолг период, на повеќе локации на територијата на Општина Куманово се појавиле паркинг плацеви кои не се регулирани од Општината или надлежното претпријатие.
„Граѓаните се пожалија дека на места на кои нема никаква ознака за јавно паркиралиште им се наплаќаат паркинг услуги од физички лица, без никаква легитимација, издавање на сметка или документ за извршена наплата на паркинг. За несоодветната регулација на овие паркиралишта плаќаат кумановци и воедно претставуваат директна штета на буџетите, како на јавното претпријатие, така и на Општината. За жал, лошата пракса на која секојдневно сме сведоци и понатаму останува заради непостапувањето од надлежните институции“, додаваат од Левица.
Од Левица - Куманово апелираат до надлежните институции, што поскоро да стават точка на проблемот кој одамна требало да биде решен и искоренет во целост. Доколку се утврди незаконското наплаќање на паркинг со кое се оштетуваат директно и граѓаните и Општината, бараат одговорност.
(Фото: Левица)