26. 10. 2020 14:32

Липково доби грант за развој на социјални услуги

Липково доби грант за развој на социјални услуги

Општина Липково е една од осумте општини во државата, кои добија грант за развој на социјални услуги на граѓаните.

Градоначалниците заедно со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска ги потпишаа договорите за реализација на проектот, кој се работи со поддршка на Светска банка, во времетраење од 5 години во вредност од 10.8 милиони евра.

„Владата и Министерството за труд и социјална политика заедно со општините и невладиниот сектор се вклучуваат во имплементација на социјалната реформа со една и единствена цел, услугите да ги доближиме до корисниците, односно да ги добиваат од нивното место на живеење. Но, ова дополнително значи и отворање на нови работни места, преку платена работа за давателите на овие услуги,“ - истакна Шахпаска.

Договори за грантови за развој на социјални услуги денеска потпишаа општините: Карпош, Берово, Чаир, Липково, Демир Капија, Ново Село, Василево и Кисела Вода. На ова претходеше јавен повик од страна на Министерството за труд и социјална политика на кој аплицираа повеќе општини, 24 од нив ги исполнија условите, а со денешното потпишување на првите осум општини започнува овој процес на соработка.

„Квалитетни социјални услуги и достапност на граѓаните до нив е целта на овој проект. Зборуваме за помош на старите лица во нивниот дом, помош и нега во домот на лица со попреченост, отворање на дневни центри за стари лица и лица со попречености и поддржано живеење. За нас секој граѓанин е важен, ранливите категории на граѓани, старите лица, лицата со попречености, но и секој граѓанин на кого му е потребна поддршка,“ - порача Шахпаска.

Министерката информираше дека оние општини кои не успеаја да аплицираат оваа година ќе ја имаат таа можност тоа да го направат следната година.

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk