Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Стојан Ѓорѓевски, професор по филозофија, цели 16 години работел како учител во селата Буковљане, Дренак и Живење, а последниве пет години за да обезбеди полн фонд на часови работи во седум основни училишта во Куманово.
И покрај сите потешкотии што ги минал во градењето на кариерата, со ентузијазам зборува за своето работно искуство.
Тој се потсетува дека најтешко му било да ги најде селата каде што почнувал да работи, бидејќи до таму можел да стигне само пешки. Така било и во селото Буковљане кое го нема ни на географската карта.
Мојата работа беше како во песната “По пат одам, за пат прашам“. Одев во непознат крај и ми помогна еден пензиониран полицаец, ме упати каде да отидам до селското школо. Кога го најдов училиштето во собата каде што требаше да живејам имаше железен кревет, маса и столче, а таму останував од понеделник до петок. Некогаш пешачев и по три часа за да стигнам на работа, а на луѓето од зафрлените села им купував што им требаше за домаќинството.Од чизми до капа морав да носам во селото за да преживеам-вели Ѓеоргиевски.
Тој си ја сака професијата, бидејќи стекнал пријатели со кои и денес контактира. Ѓорѓевски е категоричен дека луѓето имаат огромна почит кон селските учители.
Децата беа многу воспитани, добри ученици, имавме добра соработка. Си поставив цел да ги научам да читаат и пишуваат. Како вели поговорката “Не е важно кој те учел, важно е што те научил“. И ден денес практикувам да отидам летно време на слава и да се релаксирам. Јас сум добредојден гостин, бидејќи сум оставил добар збор со луѓето- објаснува Ѓорѓевски.
Неговиот работен ден и денеска е многу напорен, бидејќи во еден ден држи часови во повеќе училишта, па мора секаде да стигне навреме.
Од 1992 година до 2006 година бев селски учител. Имаше потоа среќна околност што изборен предмет стана запознавање со религии, директорките актуелни ми излегоа во пресрет и сум им благодарен. Почнав со десет часа, бидејќи малку беа училиштата, потоа воведоа етика. Тоа е на некој начин како домашно воспитување, меѓутоа со друг модел. Шетајќи од едно до друго училиште, се случува да доцнам на час, но колегите имаат разбирање, па ако треба и на одмор ќе продолжам со работа - вели професорот.
Ѓорѓевски на шега вели дека ако патот кон оддалечените села бил асфалтиран, колешки со високи потпетици ќе му ја земеле работата. На сите млади луѓе им порачува да бидат упорни за да се реализираат во животот.