Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Десанка (41) и Фросина (22) Цветковска,мајка и ќерка од Крива Паланка загинаа, а седум лица се повредени, од кои три деца во страотна сообраќајна несреќа што утринава се случила на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка, кај селото Страцин.
Во директен судир на „лада рива„ со кривопаланечки таблички и „рено 19„ со кумановска регистрација на лице место починале мајката и ќерката, а со тешки повреди се здобиле нивните роднини З.С.(45) С.К. (34) и Ј.К(7) сите од Крива Паланка, и Б.Т.(34), неговата сопруга М.Т. и нивните две малолетни деца од Куманово. Повредените се пренесени на лекување во Ургентниот Центар во Скопје и се наоѓаат во тешка здравствена состојба.
Собраќајната несреќа се случила 45 минути по полноќ, на кривината на м.в. Тополче, кога реното со кое управувал Б.Т. што се движело кон Куманово, од непознати причини преминало на левата коловозна лента и директно удило во ладата што ја возел З.С., која доаѓала од спротивниот правец.
Силниот удар разбудил од спиење еден од жителите на селото, кој притрчал да помогне и заедно со останатите возачи ги ваделе повредените и со автомобили кои наидувале ги транспортирале до болницата во Куманово.
Колата беше полна со жртви. Луѓето пискаа, викаа, ние помогнавме и го извлековме возачот, потоа и жената и децата. Бараа па повикаме Брза помош, но немаше шанси таа да дојде побргу од еден час, бидејќи Страцин е далеку од градот. Во ладата беа повредени сите,немаше ниту еден свесен сите беа во бесознание, а за двете жени се гледаше дека се мртви и неможеше да им се помогне. Во другата кола, во реното малото дете беше во најтешка состојба - раскажува Перица Спасовски.
Тој вели дека на тој дел од магистралниот пат често се случуваат сообраќајни несреќи поради неприлагодена брзина и големата фреквентност.
Ограничувањето е 70 киломери на час, а се вози и над 160, затоа што никогаш нема полиција да ги казнува несовесните возачи-тврди Спасовски.
Кривопаланчани кажуваа дека починатата Десанка, заедно со ќерката, нејзината сестра, внука и братот се враќале од свадба во Скопје. Биле вработени во фабрика за чевли. Крива Паланка е во шок од трагедијата што се случила на семејството Цветковски.