Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Четири дена нема трага од Дани Мемеди, кој во саботата исчезна од пред куќата во населбата Средорек. Полицијата го пребарува теренот, но семејството не е задоволно од начинот и интензитетот на потрагата.
Полицијата не презема никакви мерки. Ние со луѓето од Средорек го бараме детето, ама немоќни сме сами да го најдеме. Полицајците што вчера беа на терен од сабајле ги нема. Ама и тие само гледаат од страна, никој не влегува во вода. Затоа ја повикувам министерката Горадана Јанкуловска да ни помогне, бидејќи немаме на кого да се обратиме - вели таткото Драган Мемеди.
Од СВР Куманово велат дека тие не се повлекле од терен и дека нивни екипи го пребаруваат коритото на реката на повеќе локации до нејзиното влевање во Пчиња.
Најмалку 10 полицајци и 5 инспектори по потрага во моментот работат на случајот. Ние бараме живо дете и не знаеме дали тоа се удавило се додека тоа не го откриеме. Поради брзината на реката, матната вода и нечистото корито во кое има метални предмети не се создадени услови во потрагата да вклучиме специјални нуркачки екипи. Ние ја следиме состојбата со водостојот и кога ќе процениме дека е безбедно, без да доведеме во опасност нечиј живот ќе ги ангажиреме и нуркачите - вели Љубомир Ѓурчески, началник на СВР Куманово .
Семејството Мемеди очајно што нема никаква информација за детето, се сомнева дека можеби тоа е киднапирано. Лути се и на невладините организации и локалната власт што досега не ги посетиле да им помогнат во несреќата што ги снашла.
Нас Ромите не посетуваат само кога им требаат нашите гласови. Сега никој не не гледа и не сака да ја потера работата да ни го најдат детето. Незнаеме веќе што да мислиме. Да беше во реката ќе го исфрлеше водата, а никаде ја нема ни инвалидската количка- велат роднините.
Четири ипол годишното дете исчезнало во саботата навечер од пред куќата на чичко му во ромската населба Средорек. Се играло во дворот со инвалидската количка на баба му, поради што се претпоставува дека паднало во реката Кумановка, која протекува веднаш зад куќата.