Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Средношколците четврти ден целосно или делумно ја бојкотираат настава, солидиризирајќи се со матурантите да не се воведe математика како задолжителен предмет за државна матура.
И учениците од прва, втора и трета година наместо во училишните клупи, од вторник се на улица и протестираат. Ваквата појава ги револтира родителите, кои сметаат дека на овие деца местото им е во училниците, поготово што во второто полугодие изгубија многу часови поради штрајкот на професорите.
Ќерка ми е трета година гимназија и четврти ден не оди на училиште. Даваат подршка на матурантите и пак губат настава, а несакаат да учат во сабота. Не ми е јасно како ќе ги надополнат часовите. Ова веќе нема смисла, претераа, дојде тромесечието, а тие никако да тргнат на училиште, - вели револтирана родителка.
Учениците ветуваат дека од понеделник ќе се вратат на настава и образовниот процес ќе се нормализира.
“Наставата ќе се нормализира, но сепак протестите продолжуваат и ќе бидат реализирани најверојатно меѓу смените во училиштата. Се ќе биде договорено во недела со Средношколскиот пленум. Ќе бидат дефинирани деталите. Ние искрено се надеваме дека протестот ќе продолжи се додека некој не ни обрне внимание, додека не го чујат нашиот глас и додека не го смениме законот. Не се откажуваме. Секој може да ни врши притисок, но ние нема да подлегнеме“ - рече ученик од Гимназија “Гоце Делчев“.
Од едно средно училиште ни рекоа дека тие не можат да ги задржат децата во училница, кога тие одлучиле да протестираат и да не доаѓаат на настава.