Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Македонија го одбележува 1 Мај - Меѓународниот ден на трудот во чест и сеќавање на историската борба на работниците од целиот свет за унапредување на нивните права.
Наместо традиционалниот првомајски марш, Сојузот на синдикати на Македонија во пресрет на празникот на трудот почна кампања за утврдување минимална плата со која треба да се обезбеди материјална и социјална сигурност на работниците.
Во честитката што ја упати по повод празникот, Синдикатот ги повика сите одговорни субјекти во државата, пред се Собранието и Владата, како и организациите на работодавачи да ги почитуваат материјално-социјалните права на вработените утврдени во Уставот, законите и колективните договори и да придонесат за нивно натамошно унапредување.
Првомајски протест против кршењето на работничките права денеска во центарот на Скопје организира Движењето за социјална правда „Ленка“. Целта е да се подигне свеста на работниците дека треба да се борат за да ги заштитат своите работнички права.
Првомајски марш најави и Либерално-демократската партија, кој е дел од нејзиниот проект „Секој граѓанин акционер“. Социјалистичката партија во Скопје ќе положи цвеќе пред бистата на Васил Главинов, основоположник на работничкото и социјалистичкото движење на Македонија. Клубот на жени на СДСМ, пак, организира собир со наслов „Нема породилни трудови беа почитување на трудот на жените“.
Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот. Во Македонија до 2006 година тој се празнуваше на 1 и 2 мај, но од 2007 година се празнува само на 1 мај. Традиционално, македонските граѓани на овој ден одат на излети во природа.
Денот на трудот се празнува на првиот ден од мај во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго. Целта на првомајските демонстрации во Чикаго била да се издејствува воведување осумчасовен работен ден, но полицијата употребила сила и имало жртви. Организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а четворица од нив биле погубени. Три години по настаните во Чикаго, на првиот Конгрес на Втората интернационала што се одржала во Париз во 1889 година, е решено секоја година на 1 мај, во сеќавање на чикашките работници да се одржуваат масовни демонстрации. (МИА)