Меѓународниот тамбурашки фестивал вечерва на Градскиот плоштад во Куманово
На Градскиот плоштад во Куманово, вечерва со почеток во 20 часот ќе започне Меѓународниот тамбурашки фестивал.
На фестивалот ќе настапат повеќе домашни и регионални пејачи и оркестри, а забавата ќе трае до полноќ.
Фестивалот ќе го отвори групата „Табиет“ од Свети Николе, а ќе настапат и Виктор Димитриевски, Боби Зафировски – Амадеус, Наум Петрески и Нино Величковски.
Програмата ќе продолжи со Градскиот тамбурашки оркестар „Пљевља“ од Црна Гора, со солистката Нина Стругар од Подгорица. Завршницата е предвидена со настапот на новосадскиот бенд „Ла Банда“, составен од осум девојки, кои ќе се претстават со богат музички репертоар.
Фестивалот се одржува по 22. пат и е препознатлива музичка манифестација, на која низ годините учествувале тамбурашки оркестри и познати пејачи од регионот и пошироко.
За разлика од претходните години, кога фестивалот се одржуваше три дена, оваа година програмата е само во една вечер.
Фестивалот е поддржан само од Општина Куманово со 450.000 денари, додека изостана поддршката од Министерството за култура.