Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Меѓуопштински центар за социјална работа од Куманово продолжува со посветената работа во водењето грижа за сите лица со попреченост, давање стручна помош и поддршка за остварување на сите права и услуги, согласно позитивните законски прописи.
„Во Меѓуопштинскиот центар Куманово, кој ги опфаќа општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане, правото на посебен додаток го остваруваат 446 деца до 26 годишна возраст од кои најголемиот број, односно 175 се со комбинирани пречки во развојот, 120 се хронично болни деца, 52 се со тешка и најтешка телесна инвалидност, а со умерена интелектулна попреченост правото го користат 57 деца. Месечниот износ на правото на посебен додаток изнесува 7,798 денари за деца од семејства на самохран родител, 6.498 денари за деца од семејства кои се корисници на гараниран минимален приход и 5.199 денари за деца од семејства кои не се во социјален ризик“, велат од Центарот за социјална работа.
Истовремено, вкупно 672 лица со навршени 26-65 години остваруваат надоместок заради попреченост и тоа лицата со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост и потполно слепи лица за кои месечниот надомест изнесува 7.349 денари, додека за потполно глуво лице е 4.200 денари.
Во рамките на центарот работи и Дневниот центар за лица со посебни потреби Куманово каде дневен престој остваруваат 24 деца, а од септември 2021 година
започна со работа и Центар за дневен престој за лица со попреченост во с.Оризаре, Општина Липково.
„Ова е прв проект кој се реализира во соработка со Општина Липково, а овластен давател на услуга е НВО „Имаго Плус“ и Центарот за социјална работа“, велат од оваа институција.
Како услуга за лицата со попреченост се реализира и лична асистенција со НВО „Инклузива“ и Црвениот крст Куманово, која истата опфаќа индивидуална помош и поддршка за лица од 18 до 65 годишна возраст, со потешка и најтешка телесна попреченост и потполно слепи лица. Услугата содржи до 80 часа месечно помош и поддршка во вршење основни инструментални активности од секојдневниот живот, помош и поддршка на работното место, образовните институции и други активности. Со измени во законот, оваа услуга можат да ја користат и деца над 8 годишна возраст. Засега, вкупно 18 лица ја користат оваа услуга.
„Со процесот на деинституционализација и лицата со интелектуална попреченост кои беа сместени во Заводот во Демир Капија сега користат други форми на сместување, како живеење со поддршка во мали стамбени заедници со што во голема мера им се обезбедени најсовремени услови за живеење и рехабилитација“ посочуваат од Центарот за социјална работа Куманово.