Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерството за култура ќе одвои дополнители средства за да продолжат ископувањата на локалитетот Визијанус во близина на с.Клечовце, најави министерката Елизабета Канческа - Милевска при денешната посета.
Таа вели дека стручните екипи треба да го искористат убавото време за да продолжат со ископувања на местото викано Црквиште каде е откриена ранохристијанска базилика која е една од најстарите во Македонија.
Сега се договоривме бидејќи времето е прилично добро да се продолжи веднаш со археолошките истражувања, така што веднаш ќе обезбедиме дополнителни средства за да се искористи овој временски период и да се продолжи со работа. Како што ми кажаа стручните лица, ова е доста значаен, голем град каде што има значајни наоди. Мислам дека ќе помогнеме во промоција на археолошкиот туризам бидејќи тука имаме и магистрален пат, а во близина е и локалитетот Кокино. Во интерес е сето ова да го откриеме, реставрираме и конзервираме - изјави министерката.
Директорката на НУ Музеј Куманово, Анита Цветановска смета дека местото има голем туристички потенцијал со оглед на тоа што е лоцирано меѓу два ресторани и блиску е до патот кој води кон соседна Бугарија.
Се надевам дека поенергично ќе продолжиме идната година. Како што кажа министерката ова е една од најголемите цркви од тој период во Македонија, откриена во овој регион. Се надеваме дека поради самата близина на локалитетот Кокино, близината на црквата Св.Ѓорѓи ќе ја искористиме можноста за што поголема посетеност од туристи - рече Цветановска.
Археологот Дејан Георгиевски кој работеше на ископувањата објаснува дека овој локалитет во литературата се сретнува уште пред 100 години, а истражувања музејот правел во период од 2001 до 2004 година. Уште тогаш археолозите претпоставиле дека се работи за сакрален објект.
Имаме наоди од околината кој сугерира дека градот живеел од 2 до 5 век. Нас не изненади големината на оваа црква која што ја откривме. Станува збор за големо здание, големо околу 35 метри. А исто така откривме и два фази во градење. Првата е ранохристијанскиот период од 5 век некаде кога е изградена првата црква и вториот период кога е надоградена втората црква тоа е период околу 11 век кој е недоволно познат за нас - вели Георгиевски.
Министерката најави дека во сабота ќе го посети Кокино, а идната година повеќе средства ќе бидат планирани во програмите за кумановско и Кокино.
Директорката Цветановска на министерката и подари книги кои нивната установа ги има издадено во изминатиот период.