Младите од „Ума Сто“ организираат донаторска акција за спас на стогодишен објект во Умин Дол
Здружението „Ума Сто“ започна донаторска кампања за обнова на објект стар околу 100 години во селото Умин Дол, кој здружението го добило на трајно користење.

Станува збор за зграда со посебна историска вредност, која ја проектирал рускиот емигрант Владимир Антонов, белогардеец кој по Првата светска војна работел во Општина Куманово.
„Сакаме објектот да стане центар за културни и едукативни активности – работилници, пролетни излети, детски екскурзии и разни настани што ќе го оживеат селскиот туризам. Но, предходно е потребна сериозна интервенција, прво е неопходно да се замени кровот за да се спречи понатамошно оштетување. Нашата желба е да го сочуваме овој објект и да му дадеме нов живот, во служба на селата и идните генерации. Секоја помош е добредојдена – било парична, било во градежен материјал“, велат од Здружението „Ума Сто“.
Донаторската кампања е во тек, а сите заинтересирани можат да помогнат преку платформата https://whydonate.com/fundraising/we-need-your-support-for-a-new-roof
Во време кога многу села низ Македонија се празнат и тивко изумираат, неколку млади луѓе, обединети во Здружението „Ума Сто“, веќе три години активно работат за развој и промоција на селата Умин Дол и Ново Село, преку организирање на сезонски настани и панаѓури, кои со нетрпение ги очекуваат и мештаните и посетителите.
Од оваа пролет, нивните активности привлечи и странски гости – холандски туристи кои редовно доаѓаат да ја запознаат македонската рурална убавина. Бројот на посетители расте, а со тоа и амбициите на младите ентузијасти овие две села да ги доразвијат во атрактивни туристички дестинации.