Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Младите возачи генерално возат брзо, не ги почитуваат сообраќајните правила и честопати се учесници во сообраќајни несреќи.
Ова беше кажано денеска во Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ на работилницата која ја организираше отсекот за превенција при СВР Куманово за средношколците.
“Младите возачи се категорија која најмногу не го почитува ограничувањето за брзина на движење. Кога зборуваме за учество во сообраќајни незгоди, младите до 25 години се склони за учество во сообраќајни незгоди. Ризикот може да се огледа во неколку аспекти, прво во неискуството, понатаму склоноста кон ризично однесување и трето почетничките грешки кои што ги прават младите возачи. Во првите години генерално младите возачи не се свесни со кои ризици ќе се соочат во сообраќајот“- вели Зоран Јошевски, од Технички факултете Битола и член на РСБСП.
Љупчо Ставревски, полициски советник во Бирото за јавна безбедност при МВР вели дека оваа работилница е за да се заштитат младите во сообраќајот.
“Учениците кои се 3 и 4 година средно, да ги запознаеме со можностите, но и со опасностите кои им претстојат пред се како возачи во сообраќајот, бидејќи тие се сепак млади лица кои почнаа многу често да притискаат на педалата малку повеќе после една или две чаши пиво, зависи кај кого како влијае алкохолот“ - кажа Ставревски.
Беше потенцирано дека неодговорното однесување во сообраќајот може да биде фатално не само на возачот, туку и за совозачите и другите учесници во сообраќајот.
“ Инаку целата кампања е насочена воопшто на зголемување на сообраќајната култура преку почитување на сообраќајните правила и прописи , првенствено почитување на децата како учесници во сообраќајот“ - изјави Виолета Богдановска, раководител на отсек за превенција при СВР Куманово.
Оваа работилница е во рамки на кампањата за безбедност во сообраќајот која се спроведува секоја година.