×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Многу претставки за колективното домување во Куманово, управител продолжил да работи и покрај одземената лиценца

    07.10.2023 13:24 | Оливера Пешевска

    Фирма - управител од Куманово на која во февруари и е одземена лиценцата за работа продолжува да работи со бројни нерегуларности, беше истакнато на состанокот помеѓу претседателот на Регулаторната комисија за домување, инспекторот за домување на Општина Куманово и трите фирми - управители од градот кои имаат лиценци за вршење на дејноста.           

    Многу претставки за колективното домување во Куманово, управител продолжил да работи и покрај одземената лиценца

    „Новиот состав на Регулаторната комисија за домување затекна една фирма од Куманово која реално ненаменски ги користела парите од резервниот фонд, заради што заедно со инспекторот за домување покренавме иницијатива. Откако ги исцрпевме сите законски можности, во февруари и беше одземена лиценцата. Но, проблем е што фирмата се уште продолжува да работи на терен. Затоа, Општина Куманово и ние како регулаторно тело ќе ги ангажираме и активираме сите институции со цел да се спречи девијантното дејствување на оваа фирма и да се покренат соодветни мерки за да не се случува вако нешто во иднина“, истакна Зоран Маџовски, претседателот на регулаторното тело.

    Според присутните фирмата создава нелојална конкуренција, а има и елементи и на криминално однесување кое подлежи на гонење. Тие посочуваат дека одговорноста за фирмата која работи и покрај одземената лиценца е кај пазарната инспекција, УЈП и финансовата полиција затоа што не врши наплата преку сметка, туку со пари на рака, што е строго забрането со закон.

    „Граѓаните знаат за која фирма станува збор и апелирам понатаму да не уплаќаат средства таму, да ја прекинат соработката со неа и да ги раскинат договорите со управителот кој нема лиценца. Ниту ние, ниту општинските служби немаме механизми за заштита и поврат на средствата на граѓаните кои се уплатени на таа фирма“, објаснува Маџовски.

    На состанокот се дискутираше и за повеќе дилеми и прашања кои директно ги засегаат жителите од колективни станбени објекти, оние кои ја вршат услугата за сервисирање на потребите на зедничките простории, како и инспекциските служби.

    Од Одделението за инспекциски надзор истакнаа дека постојано пристигаат пријави и  преставки од граѓаните околу домувањето. Тоа практично значи дека Куманово има голем број проблеми како најголема општина во државата.

     „Имаме голем број на станбени згради, така да управувањето со нив е навистина тешко, не е лесна и едноставна задача. Би потенцирал дека, на пример, за протекување на вода од соседен стан честопати граѓаните бараат помош од нас. Нашата надлежност е над заедничките простории во зградата, меѓусоседските спорови ги упатуваме да ги решаваат на суд. Инспекцијата не е вештак, кој може да утврди од каде е настаната материјалната штета, туку тоа го прават судските вештаци и органи. Можеби би требало и тука да се интервенира во законот“, истакна Бобан Бојковски од Одделението за инспекциски надзор на Општина Куманово.

    На состанокот беше дадено и појаснување за одредени работи кои се однесуваат на средствата што се собираат во резервниот фонд. Законот за домување, кој е на сила, е донесен пред 12-13 години и досега не е сменет. Регулаторната комисија иницирала измени и дополнувања, кои се во собраниска процедура и се очекува да бидат прифатени за да се надминат некои проблеми, што повеќе од една декада ја кочат функционалноста на домувањето. Истовремено, се дискутираше и за потребата од укажување на граѓаните што значи заеднички простор.

    Граѓаните треба да се свесни дека мора да учествуваат во одржување на сите заеднички делови од колективната зграда, е заедничкиот заклучок од состанокот.