Мобилен парламент за правата на жените жртви на насилство
Јавна дебата на тема „Права на жените жртви на семејно насилство“ денеска се одржа во Куманово, во организација на граѓанската асоцијација МОСТ.

Беше презентиран проектот Мобилен парламент со цел да се поттикне комуникацијата меѓу граѓаните и институциите, меѓу граѓаните и пратениците и да се спречи семејното насилство. По дебатата ќе биде изготвен извештај кој ќе биде доставен до 123-те пратеници во Собранието на Република Македонија, ресорни министерства и општината.
Ова е 20-та средба која што МОСТ ја организира во рамки на проектот. Досега имавме успешни средби на различни теми во зависност од градот каде се одржуваат. Целта на овој проект кој е финансиран од ЕУ е да се подобри комуникацијата меѓу пратениците пред сè и граѓаните за прашања од локален и национален интерес - изјави Теодора Поповска од МОСТ.
Анета Јордановска, претседател на Здружението Цивис од Куманово, вели дека бројките на жени жрви на насилство се поголеми од оние кои фигурираат во институциите, затоа што многу жени не пријавуваат насилство.
Официјалните бројки се околу дваесетина активни жртви на насилство, меѓутоа таа бројка официјална од институциите е многу поголема во реалноста бидејќи најголем број од жените не се осудуваат да пријават или да го преземат чекорот за понатамошна постапка во МТСП. Меѓутоа кај нас се обраќаат. Жените имаат најголема храборост насилството да го пријават во женските организации - вели Јордановска.
Благе Јакимовски од Центар за вработување Куманово, рече дека на оваа тема треба многу сериозно да се работи за да има резултати. Според него семејното насилство не може да се искорени целосно, но барем да се намали и ублажи.
Една од учесничките на настанот сподели свое искуство, како институциите и помогнале во случај на насилство.
Јас бев малтретирана од женски член од моето потесно семејство. Модринките беа сликани, документирани, лицето беше повикано на разговор во полиција. Јас не сум мажена, мене кој ќе ме заштити и си реков мора институциите да ме заштитат. Случајот заврши така што луѓето се иселија од мојата куќа и сега ми е добро - рече Соња Трајковска, жртва.
На средбата беа присутни претставници на невладини организации, институции, политички партии и други.