Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерството за култура одобри 2.184.900 денари за 28 проекти на Музеј Куманово за тековната 2024 година. Музејот аплицирал со 51 проект. Четири проекти ќе финансира и Општината Куманово.
За прв пат се одобрени средства за ретроспективната иложба „50 години јубилеј на Ликовна колонија Куманово 1974-2024“, пресек на она што е направено во изминатиот период. Колонијата, во континуитет ќе се организира и ова година, како и изложбата од дела продуцирани на истата во 2023.
Значајна е и планираната „Историска изложба“ по повод од 80-годишнината од ослободувањето на Куманово, за која не е прецизиран датумот, но најверојатно ќе се одржи за Деновите на градот, некаде околу 11 ноември.
Археолошкото одделение продолжува со активности на локалитетите Градиште , и она во Бислимска клисура и во Младо Нагоричане.
„Значајно за институцијата е тоа што теренот во Младо Нагоричане ќе се испитува со ЛИДАР дрон технологија, скенирање на подземјето кое одредува во кој правец да се движат ископувањата. На тој начин ќе одредиме каде има поголем број на остатоци од градби, предмети и слично, со што ќе заштедиме на време и пари за ископувања“, истакна директорката Марија Миљуш Божиновска.
Покрај постојните активности, археолошкото одделение ќе организираат изложба за тројца поранешни колеги кои работеле во институцијата, а ги започнале првите археолошки ископувања и истражувања во кумановско и се најзаслужни за формирањето на тоа одделение.
Ова година ќе се оствари и меѓународна соработка со Грција, едната е „Хелинизмот во регионот на Куманово- влијание од егејските македонски центри“ , што се однесува повторно на локалитетот Градиште- Младо Нагоричане, каде се најдени елементи од хеленистиката култура, во најсеверната точка, каде можат да се најдат. Втората е експертска анализа за конзервација на археолошки материјал.
Со средства оа локлната самоуправа ќе се реализираат проектите „Мапа за млади патници“ и документарниот филм „Последна карта“, етнолошки проект и работилница за изработка на накит.
„Мапа за млади патници - е вистинска мапа со означени објекти од културно значење, споменици и слично, каде ќе се набројат и позначајни манифестации за Куманово, како и термините на одржување на истите. Тоа е водич за сите оние кои не го познаваат градот и околината, да се ориентираат што и кога да посетат, и како да го поминат времето во Куманово, по што сме познати, а ќе бидат обележани и ресторани и кафулиња“, објаснува директорката Божурска.
Програмата на Музеј Куманово за 2024 година ја опфаќа целокупната дејност на институцијата-истражување, научно обработување, превентива конзервација, презентација, едукација, работилници, изложби, истражување во археологија, етнологија. Креирана е разновидна програма од сите области на делување на институцијата.