Лажни пораки за сообраќајни казни од 1.500 денари се праќаат на граѓаните
Во изминативе денови е забележана зачестена појава на измамнички пораки испратени до граѓаните, заради плаќање на казна од 1.500 денари.
Според информациите на МВР, непознати лица преку странски телефонски број (+639606963624) испраќаат СМС-пораки за наводно сторен сообраќаен прекршок, со барање за плаќање преку платежна картичка на лажна веб-страница.
Измамата функционира така што линкот во пораката води до фалсификувана страница што наликува на официјалната на МВР. Таму од граѓаните се бара да внесат регистарска табличка, по што се прикажува наводен прекршок и се бара уплата од 1.500 денари.
Од МВР апелираат граѓаните да бидат внимателни, да не отвораат сомнителни линкови и да не внесуваат лични податоци или податоци од платежни картички на небезбедни и непроверени страници.
Надлежните предупредуваат дека ваквите измами имаат за цел злоупотреба на личните и финансиските информации, па затоа е особено важно да се проверува изворот на пораките и да се игнорираат сомнителни барања за плаќање.