Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Граѓаните кои живеат на улица “Боро Чушкар“ од кал и блато не можат да излезат од дома.
Жителите се жалат дека по секој дожд ископаните дупки на земјениот пат стануваат мочуришта, а во лето се гушaт во прашина. Затоа бараат локалната самоуправа да ја асфалтира улицата како што им ветила пред изборите.
Ние бараме надлежните да го решат овој наш проблем бидејќи улицата е релативно блиску до центарот на градот. При секој мал дожд, ние не можеме да излеземе од оваа улица. Сите се сложни дека нешто треба да се направи бидејќи една лопата песок не е ставена. Кога има кал носиме резервни чевли да излеземе до “Бајрам Шабани“ - вели Горан Димковиќ.
Улицата “Боро Чушкар“ се наоѓа над спортската сала Соколана и се сече со крајот на улицата “Бајрам Шабани“. Таму живеат 12 домаќинства. Граѓаните велат дека пред избори редовно политичарите им ветуваат дека ќе ја асфалтираат улицата, но досега ништо не направиле. Повозрасните раскажуваат дека улицата во ваква состојба е цели 50 години.
Јас 50 години живеам тука и на почеток овдека беа само ниви. Сега сме 12 куќи, сите имаме по 4 члена. Кога доаѓаат за избори ветуваат се, а на крај ништо од тоа. Се надевам дека за брзо време ќе ја направат улицата - рече Среќко Маневски.
Од секторот за урбанизам во Општина Куманово кажаа дека улицата “Боро Чушкар“ е ставена во програмата за 2014 година, но не прецизираа кога ќе почнат градежните зафати за нејзина изградба.