Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На 7 февруари 1944 година загина комадантот на Кумановскиот партизански одред Христијан Тодоровски - Карпош. Тој е убиен од бугарскиот окупатор за време на нападот на бугарското воено и полициско упориште во селото Билјача, Прешевско. Животот го загуби на 23 години, само 8 месеци пред ослободувањето на Куманово.
Христијан е роден на 3 септември 1921, како најмлад, четврти син на семејството Тодоровски.
Уште како дете покажал голема љубов кон учењето и подоцна станал одличен ученик, поради што бил почитуван од соучениците и професорите. По завршување на малата матура го продолжил образованието во Кумановската гимназија и во 1939 година станал член на СКОЈ. Поради неговите прогресивни идеи, бил избркан од училиштето и не му било дозволено да се запише во било кое друго средно училиште во тогашното Кралство Југославија.
Тогаш активно се вклучува во работничката младина и во 1941 година учествува во прибирање на оружје, растурање на памфлети и дистрибуција на билтенот „Дедо Иван“, кој бил издаван од страна на градската партизанска организација.
Се истакнал како организатор на Народноослободителната антифашистичка војска на Македонија (НОАВМ). Бил член на Козјачкиот партизански одред од 12 октомври 1941 година и член на партизанскиот штаб од Куманово. Откако тој одред бил разбиен, преминувал во Вториот јужноморавски одред и Кукавичкиот одред, наизменично (1942-43). На 26 јуни 1943 година станал командант на Кумановскиот партизански одред, коj постепeно нараснувал и на 1 декември 1943 година бил официјално преименуван во Прв кумановски баталјон „Јордан Николов – Орце“.
„Како командант знаеше дека народното востание може да јакне и да се шири само со акции и борби. За реализација на оваа замисла Карпош со неговите другари вршеше диверзија на железничката линија Куманово-Врање. По неколку успешни акции, во ноември и декември 1943 година, железничката линија неколку пати беше во прекин, а беше од голема важност за снабдување на германската војска во Грција“, пишува во својата книга за Карпош, првоборецот Јордан Цеков Дане.
Непоколеблив во својата борба за слобода и исклучително храбар останал до последниот ден, кога загинал во првите борбени редови на Билјача.
„Кобната февруарска вечер, кога зимската голомразица господареше на снежните брегови и долини, Кумановскиот баталјон, Косовско српско-црногорски баталјона и три батајони на Вториот јужно-моравски партизански одред на 7 февруари, вечерта, стигна пред бугарското полициско упориште во селото Билјача. Со сета жестина борбата траеше неколку часа. Во текот на оваа борба минофрлачот на Кумановскиот беталјон не дејствуваше како што треба. Командантот Карпош се префрли да види што е грешката и во тој миг смртно беше погоден од бугарски куршум. Издивна на рацете на своите борци. Загина во првите редови како вистински јунак. Загина во цутот на својата младост“, пишува Цеков.
Животното дело на Христијан Тодоровски - Карпош има историско занчење за подемот на народното востание во Козјачието и селата во јужните падини на Руен планина.
Карпош бил прогласен за Народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување, заедно со Стеван Наумов - Стив, Орце Николов, Страшо Пинџур, Мирче Ацев и Кузман Јосифовски - Питу.