Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Основниот суд во Куманово денеска продолжи судењето против градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, за злоупотреба на службена положба и областување, по кривична пријава на ОЈО Куманово. На рочиштето сведочеше Емилија Сларидис Јаневска, раководителка на Сектор за урбанизам во Општина Куманово.
На рочиштето беше кажано дека сите институции дале позитивен извештај, освен ЈП Водовод. Првично немало забелешки од Гимназијата и Школската амбуланта за загрозување на јавниот интерес, туку забелешките биле од граѓани, а подоцна имало забелешки и од овие институции.
При вкрстеното испрашување од одбраната, раководителката Сларидис Јаневска обвини за притисоци. Таа посочи дека точките на дневниот ред за седницата биле познати неколку дена пред носење на одлуката на Советот, а Гимназијата „Гоце Делчев“ и Школската амбуланта имале забелешки кои ги разгледувало стручно лице- вештак, кој им посочил дека е потребно да се суспендира ДУП-от и да се донесе нов кој не го загрозува јавниот интерес.
Беше потенцирано дека инвеститорите можат да градат на локацијата, дека предметот е завршен и издадено е решение за градење. Сларидис појасни и дека одлуката на Советот за суспензија на ДУП-от е поништена од Уставниот суд.
Адвокатот на тужителите констатираше дека она што е предмет на обвинението раководителката на Секторот за урбанизам на Општина Куманово во целост го потврдила во својот исказ.
„Апсолутно е постапувано во спротивност со законот од страна на обвинетиот, бидејќи и двете одлуки донесени од страна на Советот - едната е поништена, а другата укината. Цело време зборуваме дека со дејствијата на обвинетиот им е причинета штета на сега оштетените и дека со таквите дејствија ги сторил кривичното дело што му се става на товар. Тоа се потврдува и со исказот на сведокот, иако се обидуваше да го заштити обвинетиот. Но, нема заштита од она што се правни докази и правни документи“, истакна адвокатот на оштетените Виктор Божиновски.
Во септември ќе продолжи судењето со сведочење на стручните лица кои го го изработиле вештачењето во однос на висината на штета што ја имаат претрпено оштетените лица.
Бобан Спасовски од „УПМ- ГРУП“ и Емил Георгиевски од „Хромак-Емил“ бараат надомест на штета од 3,3 милиони денари, поради тоа што градоначалникот Димитриевски не им издал дозвола за градба.
Спорниот Детален урбанистички план (ДУП) на локацијата кај Гимназијата „Гоце Делчев“ е донесен во декември 2021 на иницијатива на градоначалникот и на општинската администрација, а не на барање на инвеститорите.
По однос на обвинението,градоначалникот Максим Димитриевски се изјаснува дека не се чувствува виновен. По завршување на рочиштето Димитриевски и неговиот адвокатски тим не дадоа изјава.
Наредното рочиште е закажано за 4 септември.