Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Завршија истражувањата на локалитетот Градиште во с. Младо Нагоричане, каде што се откриени бројни наоди, претежно фрагменти од хеленистичка и раноантичка керамика, садови, тегови и накит, соопштува Кумановскиот музеј.
Археолозите работеле на два сектора, Акропола и Долна тераса, при што на Акрополата се откриени делови од каналот за одвод на вода од резиденцијалниот објект, се претпоставува дека се работи за владетелска палата.
„Особено среќни сме што оваа година успеавме да ги потврдиме нашите претпоставки дека северниот карпест дел од Долната тераса е користен за изведување на ритуали, и со тоа го потврдивме постоењето на светилиште на карпа од раноантичкиот и хеленистичкиот период (6-3 в. пр.н.е.), дистанцирано од евентуални храмови и од останатиот дел од населбата. Изведувани се обреди на полагање на дарови (садови, претежно користени за вино, како и тегови од разбој, а поретко фигурини и златен накит) врз самата карпа, кои потоа биле покривани (затрупани) со камен. Овие вотивни остави веројатно биле поврзани со фертилноста на почвата, но и со хтоничните култови (култови поврзани со мртвите)“, вели археологот Дејан Ѓорѓиевски, под чие раководство е спроведено ископувањето.
Тој додава дека најдобра потврда за светиот карактер на овој дел од локалитетот е наодот на перирантерион – ритуално корито на нога, во кое со миење на рацете, симболично исчистен, се влегувало во светиот простор.
„Во многу детали ископувањето на локалитетот наликуваше на откритијата на Кокино, кои се скоро 2000 г. постари, и со тоа, можеме да кажеме дека постоел континуитет во верувањата и ритуалите во регионот. Класичните и хеленистичките светилишта на карпа се ретки и кумановскиот регион со тоа се вбројува во кругот на медитеранските цивилизации кај кои се откриени ваквите свети места“, смета Ѓорѓиевски.
Ископувањата на локалитетот Градиште ги финансира Министерството за култура.