Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во кумановската Противпожарна единица недостигаат 33 пожарникари за целосна екипираност на единицата, согласно законски пропишаниот минимум, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации од минатата година. Состојбата не е сменета ни оваа година.
Според законските прописи треба да има еден пожарникар на 1.500 жители, а во Куманово работат само 45 лица што значи дека има помалку од еден пожарникар, односно само 0,6 на 1.500 жители. Ако се земе предвид дека Противпожарната единица на Куманово ги покрива градот и околината и дополнително липковскиот регион, оптималниот број на 125 илјади жители би бил нешто помалку од 70 вработени.
Според анализата на Центарот за граѓански комуникации од 2023 година, Општина Куманово е втора по недостиг на пожарникари, веднаш зад Скопје на кое му недостасуваат повеќе од 200 професионалци. Од друга страна , пак, според овој критериум повеќе вработени од предвидениот законски минимум имаат токму новоформираните единици на Старо Нагоричане и Ранковце, кои располагаат со 3,9 пожарникари на 1.500 жители. Липково иако е поголема општина нема формирано своја противпожарна служба, туку ја покрива кумановската единица.
Покрај кадровската (не)опременост, ниту состoјбата со возниот парк не е ништо подобра.
Североисточниот регион, за жал, е на врвот на листата со просечна старост на возилата од 35 до 39 години кој во оваа статистика има 3 од четиритте најлоши резултати.
Неславното прво место го зазема новоформираната Противпожарна единица во Старо Нагоричане која има две возила, просечно стари 39 години. Следна, со просечно стари возила од 38 години е Противпожарната едница во Кратово, а возилата на Крива Паланка се стари во просек 35 години, додека едно од нив - ФАП дури 56 години. Најстарите возила во Куманово, пак се од 1978 година.
Од ТППЕ Куманово велат дека има некои обиди за подновување на теренските возила и возила за интервенции, но се недоволни. И новите возила бргу се амортизираат поради фреквентната употреба.
Останатите теренски возила и возила за интервенција ги поправаат и репарираат, тие се во возна состојба и со нив секојдневно се интервенира и работи.
Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, во државата недостигаат 340 пожарникари, а возилата што ги возат се просечно стари по 27 години. За последните три години, противпожарниот возен парк се „подмладил“ само за една година. Најнов возен парк во земјава имаат противпожарните единици во Велес и Штип, чии возила се просечно стари по 12 години, а најстаро противпожарно возило има Валандово – камион ТАМ од 1966 година, стар 57 години.
Помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјава.