Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Родителите кога ги носат децата на вакцинација едвај го заобиколуваат контејнерот за да дојдат до скалите на зградата
Контејнер со смет го затвора влезот на Диспанзерот за вакцинација што работи во состав на Здравствениот дом Куманово. Родителите кога ги носат децата на вакцина, а најчесто доаѓаат со количка, едвај го заобиколуваат контејнерот и го прескокнуваат расфрланиот смет за да дојдат до скалите на зградата. Вработените бараат контејнерот да се дислоцира или да врати на старото место од спротивната страна на улицата, бидејќи претставува извор на зараза.
Ноќе бездомни кучиња и мачки го разнесуваат сметот од контејнерот и секое утро се создава грда слика пред влезот на објектот. Контејнерот е ставен пред скалите и го попречува движењето. Проблемот настана откако од спротива се направи ресторан со летна тераса. На тој слободен простор беше лоциран контејнерот и не пречеше, меѓутоа, откако почна со работа ресторанот контејнерот се префрли пред влезот на Здравствен дом каде што работи Диспанзерот за мали деца. Ни создава голем проблем, прво го блокира влезот и второ толку многу смет се собира и е недозволиво да стои пред установа каде мали деца одат на прегледи - изјави Миомир Панковски, директор на Здравствен дом Куманово.
Од ЈП “Чистота и зеленило“ објаснуваат дека контејнерот го поместуваат граѓани, а не нивни вработени и дека местото е обележано за да биде слободно за поминување.
Не можеме да се справиме бидејќи самите граѓани го префрлаат контејнерот од едната на другата страна на улицата. Ова сме го пријавиле во инспекција, инаку сметот се собира 3 пати дневно бидејќи се работи за центар каде имаме здравствена институција, граѓани, фирми - вели Благица Јовановска од ЈП “Чистота и зеленило“.
Од секторот за инспекциски надзор при Општина Куманово велат дека истиот проблем се појавува на повеќе локации во градот и контејнерите постојано ги поместуваат несовесни граѓани. Доколку сторителите бидат фотографирани и пронајдени ќе бидат казнети со 200 евра парична казна.