×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Jавните претпријатија ја добија механизацијата за која Општина Куманово се задолжи милион евра

    30.04.2022 09:26 | Сузана Николиќ

    Пристигна дел од техничката помош во механизација за јавните претпријатија „Водовод“, „Куманово Гас“ и „Чистота и зеленило“, за коишто Општина Куманово пред 1,5 година зема кредит од Светската банка за обнова и развој. 

    Jавните претпријатија ја добија механизацијата за која Општина Куманово се задолжи милион евра

    Кредитот е во висина од 63.754.712 денари или над 1 милион евра, со каматна стапка од 1 отсто, рокот на враќањето е 10 години и грејс период од 3 години.

    Со оваа транша се обезбедени 3 комбинирани ровокопачи-натоварувачи со вкупна вредност од околу 14 милиони денари. Во наредниот период треба да пристигнат 3 камиони со опрема за зимско одржување на улици, трактор со приколка, автодигалка и 1 камион за смет за ЈП „Чистота и зеленило“, автомобил и камионет за потребите на ЈП „Куманово Гас“ и пајак возило за ЈП „Куманово Паркинг“. Вкупната набавка е 12 возила, а чини 62,8 милиони денари.

    Опремата и механизацијата е набавена со цел да се подобрат условите за работа и да се прошират услужните капацитети на претпријатијата, кои се дават во долгови и имаат проблеми во работењето.

    „Со набавка на новата опрема, Општината планира да ги ангажира јавните претпријатија за вршење на нови услуги за кои досега се ангажирале приватни компании и со тоа да заштеди средства, со кои ќе го враќа кредитот и ќе ја подобри финсиската состојба во четирите претпријатија, ќе се подобрат условите за работа во претпријатијата и нивото на услуга со што бенефит ќе имаат сите граѓани на општина Куманово. Денеска пристигна првата испорака на дел од опремата и тоа 3 комбинирани ровокопачи со вкупна вредност од околу 14 милиони денари“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски на промоција на механизацијата.

    Проектот се реализира со Министерството за финансии преку Договор за под-заем со Министерството и финансиска поддршка обезбедена од кредитната линија на Меѓународната банка за обнова и развој.

    Апликацијата за Вториот проект за подобрување на општинските услуги е поднесена во 2018, а одлуката да се задолжи Општината беше донесена од предходниот Совет во октомври 2020 година.

    Тогаш советниците на ВМРО-ДПМНЕ како опозицијата не го поддржаа предлогот за долгорочно домашно задолжување на Општина Куманово и го напуштија гласањето, затоа што сметаат дека јавните претпријатија треба сами да инвестираат во својот развој и дека во ваква тешка економска состојба Општината не треба да се задолжува. На нивните забелешки зошто овие средства нема да се потрошат на капитални инвестиции во инфраструктурата, како што е изградба на патишта, канализација или купување на противпожарно возило, градоначалникот објасни дека проектот дозволува да се инвестира во дејности кои создаваат приходи.

    Едно од претпријатијата кое ќе добие помош во механизација е ЈП „Куманово-гас“, кое сега го менаџира директор од ВМРО-ДПМНЕ.