Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Рекорден буџет од околу 20 милиони денари или околу 325 илјади евра годинава е наменет за Програмата за културни манифестации на Општина Куманово. Овој износ е одреден во рамките на досега најголемиот проектиран буџет на локалната самоуправа за 2024 година.
Најмногу средства се планирани за Ноемврискиот мега концерт по повод ослободувањето на Куманово, вкупно 2 милиони денари, за новогодишната програма на Фондацијата за култура и спорт која ќе чини 1,1 милиони денари, свечената седница за Денот на градот е проектирана на 1 милион денари, а за организација на Мото фест ќе бидат потрошени 800 илјади денари.
„Проектирани се 20 милиони денари и, како и секогаш, водевме сметка сите етнички заедници да бидат застапени во програмата. Но, при нејзиното изготвување е водена сметка и за родовата еднаквост, а и за доволната застапеност на младите. Се трудевме да вклучиме што повеќе млади уметници и артисти од нашата општина за збогатување на културниот живот во Куманово“, истакна во своето образлагање Александар Крстевски, раководител на Општинскиот сектор за
култура.
Најпознатата и најпопуларна манифестација „Денови на комедија“ годинава добиваат поголема локална поддршка, односно 330 илјади денари, за разлика од 250-те илјади минатата година. За 50 отсто поголем буџет имаат Рома труба фест и јубилејното 20-то издание на Тамбурашкиот фестивал, и тоа по 450 илјади денари, додека Тумба фест добива 50 илјади помалку или сума од 250 илјади денари.
Повеќе од двојно ќе добие и Здружението за уметност и култура „Мјузик конектин пипл“ кое го организира „Пикник во Пелинце“, особено популарен настан кај младите во општината и пошироко, за што се предвидени 300.000 денари, наместо минатогодишните 140 илјади денари .
Ова здружение ќе го реализира и проектот “Биди и ти КУЛтура“ за кој ќе добие дополнителни 100 илјади денари.
За поддршка и промоција на млади локални уметници, пак, Општина Куманово ќе потроши 300 илјади денари, или двојно повеќе од 2023 година. Континуирано се исплаќаат и средства за поддршка на културно-уметничките друштва, односно седум од нив добиваат по 50 илјади денари, исто како лани.
На овој список годинава се најдоа и Сојузот на борци и Здружението на армиски и полициски ветерани од активен и резервен состав на Куманово- ЗАПВАРС на кои им се доделени, исто така, по 50 илјади денари, додека 30 илјади денари се наменети за Градскиот оркестар Илинден.
Зголемена е и сметката за закупнина на бина, осветлување и озвучување, која е повисока за 300 илјади денари и годинава за ова намена се предвидени 1,3 милиони денари.
Програмата за културни манифестации на Општина Куманово е обемна, а на нејзин список се наоѓаат уште здруженија, организации и поединци , чии понуди за настани и манифестации се оценети како издржани и атрактивни од страна на надлежните и за кои се смета дека ќе побудат интерес и ќе привлечат публика.
Најголем корисник на средствата од програмата за културни манифестации сепак е Фондацијата за култура и спорт, која по пат на делегирани надлежности од општината и проекти во нивна реализација ќе потрошат 3,1 милиони денари.