Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“ доби над 5,5 милиони денари од Министерството за култура за реализација на настани кои влегоа во Годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2022 година.
Средствата се наменети за дваесетина проекти и тоа: фестивали, претстави, концерти и други културни манифестации.
Најмногу пари се издвоени за традиционалниот фестивал Денови на комедијата, кој оваа година слави 25 годишен јубилеј.
Директорот Сашо Тодоровски вели дека се задоволни од државната поддршка, а за дел од проектите очекува помош и од локалната самоуправа.
„Ќе имаме четири претстави по две на македонски и на албански јазик, традиционалните и оваа година јубилејни Денови на комедија, нов проект Фестивал на проза кој ќе се организира на крајот на мај, потоа Фолклорен фестивал, Графити фест, ќе имаме гостување на Македонската опера и балет, одобрени се средства за Младинскиот оркестар, изложби, промоции и др. Најмногу средства добивме за Денови на комедија 1 милион денари, а минатата година беа 700 илјади денари“, објаснува Тодоровски.
Тој се надева дека нивната институција ќе добие уште 15 милиони денари за реконструкција на втората фаза од зградата на Кумановскиот театар, кои треба да ги одобри Владата.